(ИНТЕРВЈУ): Патот на рачно анимираниот спот на „Арома(н)тична“ на музичкиот проект Мојра

Со Дарко Јованов и Јасна Трпкова од Мојра зборувавме за препреките при правењето на еден „stop motion“ спот, како и за нивната динамика и креативен процес

Фото: Скриншот од „Аро(м)антична“

Се создаде песна во склоп на музичкиот проект Мојра, започнат од гитаристот Дарко Јованов и вокалистката Јасна Трпкова. „Арома(н)тична“ е една од многуте деца на креативната соработка меѓу Дарко и Јасна, кои нешто повеќе од година свират и творат под името Мојра, инспирирано од грчкиот назив за трите наречници. Свиреле под разни други имиња и состави, но одлучуваат да почнат нова глава во нивното авторско музичко творештво, откако Дарко забележува дека текстовите на последните неколку песни кои Јасна му ги праќа се вртат околу клопчиња, нишки и време.

Во „Арома(н)тична“, недоврзаните нишки претставуваат постоење во една меѓусостојба на лулање „меѓу две спротивности“, како што вели Јасна. Можеби е соодветно што и самата „Арома(н)тична“ со месеци била во некоја меѓусостојба, имајќи го на ум долгиот пат кој таа го изодела додека не се комплетира. Композицијата поминува низ две студија, осум гостински музичари и многу нови „финални“ верзии. По толку вложен труд, Мојра сакаат да ѝ оддадат соодветна почит на песната па одлучуваат да направат спот. 

Дарко во студио. Фото: Мојра

По две нереализирани идеи за спот, Дарко и Јасна се среќаваат за да ја дискутираат иднината на нивниот спот.

„Додека седевме на ручек од нигде некаде падна еден есенски лист и некако јас тоа си го сфатив како знак дека треба да свртиме нов лист и да ги оставиме двете стари идеи. Најчесто убавите работи доаѓаат кога си опуштен и не се надеваш дека ќе се случи нешто. ‘Зошто мора спот да се направи?’“, вели Јасна.

Но, токму во тој момент, откако се откажуваат, на Јасна ѝ доаѓа чиста слика во глава за спотот. Не ни размислува како технички би се реализирале сликите кои ѝ доаѓаат во глава, само им дава на идеите да течат и да ја обземат.

Фото: Скриншот од „Арома(н)тична“

„Видов две нишки, жолта и црвена. Тие комуницираат, живи се, имаат некакво патување. Сакам да има човечки допир, но да не гледаме човек. Да не биде анимирано, но сепак на еден начин да биде. Даре веднаш ми рече ‘зборуваш за „stop motion“ анимација и одамна сум сакал да направам такво нешто“, се присетува Јасна, велејќи дека веднаш осетиле дека се на добар пат.

Започнува долгиот пат на спотот

„Stop motion“ техника подразбира сликање на вистински предмети и нивно мало поместување од слика за слика, така што кога ќе се наредат една по друга во видео, се создава илузија на движење. Дарко вели дека бил привлечен од тоа што во оваа техника нема никакви дигитални специјални ефекти – сè е „аналогно“.

Дарко го „регрутира“ својот брат Дејан како режисер и се подготвени да го снимат спотот за неколку дена. Но, тематиката на време повторно никнала и во реалноста на Мојра.

„Зборувавме со него, ова ќе се сними за еден викенд“, вели Дарко.

„Не, бе, два викенда рековме, ваљда не бевме до толку неразумни?“, му враќа Јасна.

„Јас бев. ‘Два дена ќе нè фати, три ако се завлечкаме’. Може да се каже дека е глупав оптимизам, ама не фати два дена или два викенда – фати значително повеќе“, со многу смеа раскажува Дарко.

Дејан и Јасна. Фото: Мојра

За да се направи еден „stop motion“ спот, потребни се застрашувачки голем број слики. Дарко и Дејан се одлучиле да има осум слики во една секунда, што дури е и на долната граница на колку слики се потребни за еден ваков спот.

На крај им биле потребни околу 2000 посебни слики за целиот спот, со тоа што за секоја слика им требало од десет секунди до пет минути да ја наместат. Тој „еден викенд“ набрзо станал „секој викенд, неколку месеци“. 

Дарко мести еден од (многуте) кадри. Фото: Мојра

Вложениот труд и љубов се гледа во секој детаљ, во секоја секунда на спотот. Нишки играат околу полуизeдени јаболка, па стануваат лак за стрела од цвет; лижавчиња во форма на срце се претвораат во ливчиња од ружа. Детско нацртани вратички и клучеви отвораат нови светови, каде преовладуваат калинки и стотици мали предмети кои играат во хармонија.

Пречките како креативна алатка

Постојано се среќавале со пречки при правењето на спотот, вклучувајќи го одржувањето на статичен кадар низ месеците, како и решавањето на сложувалка која се појавува во спотот, за која ја викнале другарка им Ѕвездица да им помогне („секое парче изгледаше исто, сите беа само сини!“). Но, препреките биле клучен дел од нивниот креативен процес.

„Ако идејата не ти е природна, препреките се отепувачки, а кај нас всушност беа мотивирачки. Откако се договоривме за спотот, секоја препрека ни даваше енергија. Тоа ми докажува дека од старт имавме еурека момент. На многу луѓе им зборуваат музите, ама не секогаш можеме да слушнеме. А не слушаме кога сме отворени да слушнеме, туку кога се откажуваме и си викаме, ‘не мора јас да добијам идеја, не мора да биде нештово’. Е, тогаш тие пргави, итри, игриви суштества сакаат да соработуваат со човекот“, живописно објаснува Јасна.

Во нашиот разговор се чувствуваше дека токму ваква мотивирачка препрека низ нивниот креативен процес се всушност и различните пристапи меѓу Јасна и Дарко. 

Јасна, која има студирано англиски јазик и книжевност, најчесто ги пишува иницијалните никулци на песните и повеќе се наслонува на својата интуиција и им дава простор на моментите и музите да ја водат низ креативниот процес.

Текстот на Јасна. Фото: Мојра

Дарко, пак, кој има студирано астрофизика, поаналитички им пристапува на работите и ги преточува никулците на Јасна во полни аранжмани, додавајќи богата хармонија и разнолики аранжмани, полни со саксофони, труби и секакви други необични инструменти. Ја признава својата опсесија со тоа да не се „едноставни“ музичките дела кои ги прави.

„Мислам ако Даре го оставиме да направи песна, тој ќе спои сто песни во една и затоа тука сум јас со ножичката да пресечам да му речам дека не може 30 саксофонисти во една песна! (Дарко: „Ама зошто?!“). Истовремено, ако не е Даре, јас сè што би снимила би биле само моите говорни пораки“, вели Јасна за нивната динамика.

Аранжманот на Дарко. Фото: Мојра

Сето тоа не значи дека процесот не им е флуиден – некогаш песни отпочнуваат со песна на Дарко, некогаш се напишани „очи в очи“ заедно. Но, процесот е секогаш разговор меѓу нивни различни креативни пориви.

„Најчесто сржта ни е заедничка. Не ми се случило да му пратам идеја и да не ја развие на начин што ме воодушевува. Несогласувањата се најчесто козметички. Никогаш не сме се разминале целосно за некоја идеја. Тоа значи дека функционира“, заклучува Јасна.

Приказната за спотот не завршува

Самите кажуваат дека ваквиот флуиден пристап често значи дека на песните им треба време да се развијат.

„Замисли имаш некој планински врв до којшто сакаш да стигнеш. Ги имаш луѓето што ги следат знаците и патеката. Е ние сме тие луѓе кои ги бараат другите патчиња, дури не ни козјите патеки, туку сами ги креираме нашите патеки низ непроодни грмушки. И можеби пристигнуваме на дестинацијата три месеци подоцна, три години подоцна, ама имаме посочни приказни да раскажеме некогаш. Дури не секогаш“, објаснува Јасна.

Токму овој долг процес ги инспирира Мојра за третиот елемент на бескрајната мултимедијална приказна на „Арома(н)тична“ – книжуле кое со слики и текст го документира процесот на правењето на спотот.

Книжулето, како сè останато во процесот на Мојра, изодело спонтан и непланиран пат додека да се обликува во формата во која постои денес. Неколку фактори биле клучни за неговото раѓање – фотографиите кои се насобрале додека го снимале спотот, желбата за трет аспект од „Арома(н)тична“ (во чест на трите наречници од кои им доаѓа името Мојра), како и фасцинацијата на Дарко за детално проучување на уметничките дела и желбата да овозможи на други луѓе да добијат некаква идеја за нивниот процес.

Книжулето. Фото: Мета.мк

Во книжулето или „арт летокот“ (уште не се одлучени како да го наречат), сликите од правењето на спотот се придружени со текст, но (како што би рекол Дарко) во типичен „Јасна стил“, текстот е во форма на поезија, која би можела и само по себе да стои.

„Среќен сум што книжулето не ја уништува магијата на спотот, не е детален прирачник како да го направиш истото, не е книга за готвење. И тоа, како сè останато во спотот, е направено од тоа како ние си велиме ‘ај да пробам дали ова можам да го направам’ и како учиме некако од самиот процес. Се надевам и со секоја од идните песни да има нешто такво додатно“, вели Дарко.

Инаку, иницијалната идеја на Јасна за книжулето било да се направи „scrapbook“, односно една единствена книга составена од колажи од слики и лични предмети од правењето на спотот, што би била само за екипата што го правела спотот.

„Но ете, максималистот Дарко повторно се јави – ‘зошто да е едно, кога може да се повеќе?’ Да можат повеќе луѓе да добијат увид во тоа. Што повторно докажува дека имаме различна, но интересна и чудно компатибилна динамика. Да беше до мене, немаше да се случи во оваа форма“, вели Јасна.

Сепак, таа е многу среќна со конечниот производ, велејќи дека им дало некој начин да „оправдаат“ пред другарите кои биле во исчекување на издавање на нивен материјал по нивната прва свирка како „Мојра“ во кафулето „Буква“.

Од нашиот разговор, токму во „Буква“. Фото: Борјан Гаговски

„Ние многу задоцнивме и тоа ни беше мачно, ама знаеш што? Пишував за тоа. Се справував со сè и ги сликав луѓево и меѓусебно си креиравме спомени“, со насмевка раскажува Јасна.

Приказната завршува – проекција на спотот во „Буква“

Спотот, книжулето и нивната музика беа во фокус изминатата сабота, на промоцијата на „Арома(н)тична“, повторно во кафулето „Буква“, неколку дена по нашето интервју. Беше пуштена плејлиста со трип-хоп, пријателите на Мојра беа видно возбудени, а Дарко и Јасна полни со емоции.

Се изгасија светлата, се намести проекторот и Јасна, Дарко и Дејан, братот на Дарко и ко-режисер на спотот, срамежливо, но гордо, кажаа по неколку зборови за спотот, музиката и сите кои биле инволвирани во неговото правење.

„Во типичен Мојра стил, видеото го експортиравме пред пет минути“, кажа Дарко.

Сите го гледавме спотот во тишина. Полазуваа морници. Тој не само што беше импресивен поради сиот вложен труд, туку навистина имаше емотивен тек приказната на спотот, која совршено го следеше емотивниот тек на композицијата, која беше исполнета со саксофони, клавири, труби и старгорадски примеси. Веднаш кога заврши спотот, сите во публиката почнаа да плескаат и да свиркаат, а во текот на вечерта постојано се слушаше колку луѓето беа воодушевени од музиката и спотот, кои навистина се уникатни, не само за Македонија, туку било каде.

Интимен крај во „Буква“. Фото: Борјан Гаговски

Колку што максималистички почна вечерта, толку и минималистички и интимно заврши. Ја имавме честа да чуеме неколку од авторските композиции на Дарко и Јасна, отсвирени само со гитара и вокал. Пред една од песните Јасна нагласи дека ѝ е тешка за пеење бидејќи тематиката е толку лична, но токму затоа таа песна беше најимпактна, но и најкревка. Дарко и Јасна сега веќе беа опипливо среќни и горди со како помина вечерта, гледајќи каков импакт им имаше сиот вложен труд од минатите неколку месеци.

„Морам да потенцирам дека Даре четири пати во последните неколку минути кажа ‘убаво, убаво’ за нашата работа. Како крал на самопотценувачкиот хумор, многу ми е убаво да слушам како отворено, искрено, и со право гордо зборуваш за твоите дела“, му рече Јасна на Дарко крајот на нашиот долг и инспиративен разговор.