fbpx

(ИНТЕРВЈУ) Дерек Вилис: За борба против дезинформациите, новинарството треба да биде потранспарентно

Дерек Вилис, новинар и предавач по новинарство засновано на податоци на колеџот „Филип Мерил“ при Универзитетот во Мериленд, Вашингтон, во интервју за Порталб.мк вели дека новинарството засновано на податоци може да помогне и во борбата против дезинформациите правејќи го процесот на работа со податоците потранспарентен

-

Дерек Вилис, американски новинар и предавач по новинарство засновано на податоци на колеџот „Филип Мерил“ при Универзитетот во Мериленд, Вашингтон вели дека новинарството засновано на податоци, таканареченото „Data Journalism“, покрај интервјуирањето на луѓето, ви овозможува да интервјуирате и податоци, користејќи ги истите како извор за раскажување на еден настан. Исто така, новинарството засновано на податоци може да помогне и во борбата против дезинформациите правејќи го процесот на работа со податоците потранспарентен, известува Порталб.мк.

Вилис претходно работел како развивач на апликации за вести во „ПроПублика“, бил известувач во „Њујорк Тајмс“ и уредник на базата на податоци во „Вашингтон пост“.

Афије Шерифи, новинарка во Порталб.мк, беше во студиска посета на колеџот „Филип Мерил“ во Вашингтон и присуствуваше на предавање на Дерек Вилис за новинарството базирано на податоци, а притоа реализираше и краток разговор со него на оваа тема.

Како би му го опишале поимот „новинарство засновано од податоци“ на некој што го слуша за прв пат и зошто е важен тој за едно општество?

Дерек Вилис: Новинарството засновано на податоци јас би го опишал како користење на податоците како извор за раскажување на еден настан. Со ова сакам да кажам дека покрај интервјуирањето на луѓето и читањето на документи, еден новинар собира информации и ги организира на начин што овозможува и интервјуирање на податоците.

Дали може новинарството засновано од податоци да помогне во борбата против дезинформациите?

Дерек Вилис: Секако дека може, и еден од начините да се направи тоа е процесот на новинарствотo засновано од податоци да се направи потранспарентен. Со споделување на податоците и чекорите што ги презеле новинарите можат да им овозможат на читателите да видат што прават и со тоа да градат доверба и да ги разоткриваат на лошите чинители.

Кој е најдобриот начин за визуелизација на податоците, за истите да можат полесно да се читаат?

Дерек Вилис: Не постои еден најдобар начин, но многу е важно новинарите да можат да прават графици и мапи, не само за читателите, туку и при нивното известување. Важен дел од ова е визуелизациите да се направат едноставни и јасни, ако во инфографикот прикажете премногу елементи, со тоа може да го отежнете читањето.

Како влијае вештачката интелигенција (ВИ) на работата со податоци?

Дерек Вилис: Ние сè уште учиме кога станува збор за одговорот на ова прашање, но постојат неколку важни начини на кои вештачката интелигенција може да помогне и барем еден начин на кој може да му наштети на новинарството засновано од податоци. Што се однесува до корисната страна, вештачката интелигенција може да помогне во обработката на неструктурираните информации како што се долгите текстови, и истите да ги претвори во структурирани податоци, и може да помогне во изнаоѓање на поврзаноста и аномалиите на постоечките податоци. Од друга страна, вештачката интелигенција го олеснува производството на целосно лажни податоци.

Кој е најчестиот совет што им го давате на вашите студенти по новинарство засновано на податоци?

Дерек Вилис: Не измислувајте топла вода. Иако новинарството засновано на податоци е релативно нова иновација, обично има некој што го направил она што вие се обидувате да го направите или се справил со истите проблеми како вас. Учете од нив, не се обидувајте сами да ги решавате проблемите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...