фото: Hakan Nural на Unsplash

Од 20 јануари до сега, Индија донирала над 5,5 милиони дози од нивните две вакцини против ковид-19 „Ковишилд“ и „Коваксин“, информираат од Амбасадата на Индија со надлежност за нашата земја со седиште во Софија. Двете вакцини против ковид-19 се донирани на Бутан (150.000 дози), Малдиви (100.000 дози), Непал (1 милион дози), Бангладеш (2 милиони дози), Мјанмар (1,5 милиони дози), Маурициус (100.000 дози), Сејшели (50.000 дози), Шри Ланка (500.000 дози) и Бахреин (100.000 дози).

Во текот на наредните денови, Индија ќе донира вакцини против ковид-19 и на Оман (100.000 дози), Никарагва (200.000 дози), земјите на КАРИКОМ (500.000 дози) и Пацифичките острови (200.000 дози). Од Амбасадата на Индија во Софија информираат дека двете индиски вакцини досега се продадени во Бразил, Мароко и Бангладеш. Државните власти очекуваат комерцијалниот извоз да продолжи во наредниот период во Саудиска Арабија, Јужна Африка, Канада, Монголија и во други земји.

Индија е подготвена да ги снабди африканските земји со 10 милиони дози на вакцини против ковид-19, а 1 милион дози ќе бидат дистрибуирани за здравствените работници на Обединетите Нации, а оваа азиска земја е отворена за соработка со партнерски земји во следните недели и месеци, информираат од Амбасадата на Индија во Софија.

Инаку, Би-би-си пред неколку дена објави анализа во која вели дека Индија спроведува дипломатија со вакцините. Од аспект на производство на вакцини, Индија има удел од 60 отсто во светското производство на вакцини, но и контроверзии околу една од двете вакцини што се одобрени за користење во Индија.

Вакцината „Коваксин“ од светските медиуми се појави како контроверзна поради тоа што државниот регулатор на лекови го одобрил нејзиното користење, и покрај тоа што вакцината била и понатаму во фаза на клиничко испитување. Лос Анџелес Тајмс и Би-би-си ги пренесоа сомнежите на експертите за тоа како вакцината „Коваксин“ е дозволена за итна употреба за вакцинирање на населението, и покрај фактот што нејзините испитувања се во тек.

Инаку, оваа индиска вакцина е произведена од „Бхарат биотех“, компанија која има 24-годишно портфолио во производство на 16 вакцини дистрибуирани во 123 земји низ светот, пренесува Би-би-си. Станува збор за инактивирана вакцина произведена од изумрен корона вирус, кој бил изолиран од Националниот институт за вирусологија на Индија. Процентот на нејзина ефикасност засега не е познат. Две дози на вакцината се даваат во временска дистанца од четири недели, а „Коваксин“ треба да се чува на температура од 2 до 8 степени. Компанијата планира да произведе 700 милиони дози на оваа вакцина до крајот на 2021 година.

Втората индиска вакцина, за која засега нема никакви контроверзи, е „Ковишилд“, и е всушност вакцината на „АстраЗенека“ од Велика Британија која што локално се произведува од индискиот Серум Институт, најголем светски производител на вакцини. Двете дози на вакцината се даваат во период меѓу 4 и 12 недели, при што вакцината може да се чува на температура од 2 до 8 степени.

Вакцината „Ковишилд“ е направена од ослабена верзија на вирус на обична настинка (познат како аденовирус) од шимпанза. Изменет е да изгледа повеќе како корона вирус – иако не може да предизвика болест. Кога вакцината се инјектира кај пациент, таа го поттикнува имунолошкиот систем да започне да создава антитела.