Или да се вакцинираат или секоја седмица да носат негативен тест, нови мерки за вработените во САД

Фото: Адам Шулц,јавен домејн, Викимедиа комонс

Претседателот на САД, Џо Бајден, постави нови мерки за борба против ширењето на ковид-19, што налагаат вакцинирање на вработени во сојузните државни органи, но и на вработени во некои компании. Сепак, вакцинацијата не е задолжителна, оти невакцинираните вработени ќе може да одат на работа, но со алтернативна мерка – приложување на негативни ПЦР тестови од нивни тестирања секоја недела.

Новите одредби доаѓаат во време кога во Соединетите американски држави (САД), расте бројот на нови случаи на ковид-19, а болниците во неколку сојузни држави ги преполнуваат капацитетите, поради ширењето на новиот Делта-сој на корона вирусот.

Со најновите одредби што ги донесе претседателот на САД, се опфаќаат отприлика 100 милиони вработени лица.

Од почетокот на годинава, од ковид-19 починаа повеќе од 650.000 Американци, а 60 милиони се невакцинирани.

„Ова не е прашање на слободи или личен избор, ова е прашање на заштита на себеси и на тие околу Вас“, рече Бајден во обраќањето во Белата куќа вчера.

Претседателот на САД појасни дека наредил на сојузното Министерство за труд да побара сите приватни бизниси со 100 или повеќе вработени да побараат вработените да се вакцинираат или да бараат потврда за негативен наод за корона вирус барем еднаш седмично, односно да бараат ПЦР тестови.

Со новите мерки се опфатени и 17 милиони вработени во здравствени установи што добиваат сојузни пари.