ИКС: Преку коментари на новинарски објави се шири сексистички говор на омраза кон девојки

Злонамерните содржини и родово-базираниот говор на омраза влијаат сериозно врз развојот и понатамошниот живот на младите девојки, како и на високиот степен на нетолерантност во општеството, велат во ИКС

Фото: Jeswin Thomas on Unsplash

Сексистички говор на омраза кон младите девојки се шири преку коментарите на новинарските извештаи на социјалните медиуми, кои се плодна почва за развивање на родово-базирани злонамерни и вознемирувачки содржини, предупредуваат од Институтот за комуникациски студии (ИКС). Ова го покажала анализата на родово-базирани содржини „Сексистички говор на омраза кон млади девојки“, што ја изработиле во Институтот.

„Во истражувањето беа анализирани повеќе од 1.500 коментари на новинарски извештаи на Фејсбук за два случаи – двете исчезнати малолетнички во Чаир и двете исчезнати девојчиња во Центар, во периодот од март до мај 2023. Овие случаи беа избрани заради содржината на коментарите што тие ги предизвикаа на социјалните медиуми“, велат оттаму.

Според анализата, сексистичкиот говор на омраза кон девојките се заснова на лични мислења и шпекулации што ја провоцираат фантазијата на публиката, а содржината на коментарите се фокусира на барање „виновник“ за настанатата ситуација, од каде што понатаму се развива дискусијата и негативните наративи.

Анализата покажува дека публиката на социјалните мрежи е склона кон коментари засновани на родови стереотипи со кои се навредуваат и сексуализираат млади девојки, коментари за користење физичко насилство кон девојките како дисциплинска мерка кои го одржуваат родово-базираното насилство и хомофобични коментари со насилен тон за сексуалната ориентација кои исто така можат да поттикнат и да резултираат со насилство во општеството.

„Медиумите кои немаат политика за регулирање на ваквите негативни коментари под новинарските извештаи придонесуваат за ширење на вознемирувачките содржини, како и за дополнително креирање нови. А злонамерните содржини и родово-базираниот говор на омраза влијаат сериозно врз развојот и понатамошниот живот на младите девојки, како и на високиот степен на нетолерантност во општеството“, се додава во соопштението на ИКС.

Оттаму сметаат дека новинарите мора да бидат внимателни во формулирањето на насловите, како и на целосниот извештај, кога станува збор за сензитивни случаи, бидејќи тоа може да влијае на површно донесување заклучоци од читателите.

„Медиумите треба да воспостават интерни политики и лица одговорни за регулирање на коментарите со негативни содржини за да се спречи нивно ширење. Исто така, тие треба да пласираат повеќе содржини што промовираат родова еднаквост и да ја зголемуваат свеста за заштита од родово-базирано насилство, идентитетските разлики и потребата за инклузивност во општеството. Младите девојки, пак, треба да бидат информирани за негативните ефекти, како да го препознаат и како да се справуваат со сексистичкиот говор на омраза“, велат во ИКС.