Играта „ФИФА“ го менува името од следната година

фото: @jeshoots на Unsplash

По речиси 30 години завршува ерата на играње „ФИФА“. Долготрајната серија фудбалски игри на компанијата „EA“ (Electronic Arts) ќе заврши со „ФИФА 23“, а новата сезона следната година ќе ја продолжи под ново име – „EA Sports FC“.

Причината за преименувањето е тоа што „ЕА“ и Меѓународната фудбалска федерација – ФИФА се разделуваат откако фудбалските власти побарале зголемување на таксата од 150 милиони долари што компанијата „ЕА“ ја плаќа за лиценцата за името ФИФА, пишува „Си-нет“.

Во блог објава, од „ЕА“ соопштија дека самата игра нема да се промени многу после ребрендирањето.

Повеќе детали за новоименуваната игра „EA Sports FC“ се најавени за летото наредната година. Во меѓувреме, „ЕА“ ги уверува играчите дека и под новото име, играта ќе вклучува над 19.000 играчи и 700 тимови во 30 лиги, вклучувајќи ги англиската Премиер лига, шпанската Ла Лига, германската Бундеслига, италијанската Серија А и други. Играта и понатаму ќе ги вклучува и натпреварите од „Лигата на шампиони“ на УЕФА.

Сепак, под новото име играта нема да ги содржи натпреварите од Светското првенство, што беше случај досега.

„ФИФА 23“, последната игра од ФИФА-серијата што ќе биде објавена наесен, ќе вклучува натпревари од Светското првенство за жени и за мажи. Светското првенство за мажи во Катар започнува во ноември, додека женското првенство ќе се одржи во Австралија и Нов Зеланд во јули догодина.

Брендот за игри ФИФА започна со играта „FIFA International Soccer“ во 1993 година, што ја прави една од најдолгите серии на видео игри.