И доктор Нико Беќаровски злоупотребен за ширење „кемтрејлс“ теории на заговор

На нашето прашање дали навистина мисли така како што вели оваа објава, или смета дека статусот му е злоупотребен, доктор Беќаровски го изјави следново: „Нормално дека е злоупотребен. Сè уште не сум забеган до толку“

Фото: Pexels од Pixabay

Објава на Фејсбук ја манипулира јавноста дека познатиот доктор Нико Беќаровски ја потврдил теоријата на заговор за „кемтрејлс“, според која од авиони нè прскаат со хемиски супстанци, односно отрови кои предизвикуваат симптоми карактеристични за вирусни заболувања. Ова не е точно, изјавата на доктор Беќаровски е злоупотребена и се користи за да се шират невистини, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук погрешно ги толкува зборовите на доктор Нико Беќаровски и ја наведува јавноста да помисли дека тој смета дека болестите се случуваат, бидејќи некој нè прска од авиони. Ова е погрешно толкување и невистина.

Еве и Докторска потврда за тоа дека вирусите и пандемиите и тоа како имаат врска со она што ,,непознати“ сторители го испуштаат во воздухот.

Уште една т.н. теорија на заговор докажана за догма.

П.С.Порано како деца од авионите баравме да ни пуштат летки, сега ги замолуваме да не ни пуштаат: грипови, ковиди и други бојни отрови.

Аман, не потепавте!, пишува во објавата.

На  оваа објава прикачен е исечок од Фејсбук статус на доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија при Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, во којшто објаснува како аерозагадувањето е поврзано со растот на вирусните заболувања. Притоа тој вели:

Загадениот воздух драстично ја зголемува патогеноста, тежината на клиничката слика и прогнозата на двата најчести зимски вируси.

Во објавата докторот линкува истражување кое што ја опишува поврзаноста помеѓу изложеноста на загадувачи на воздухот и респираторните вирусни инфекции. Во истражувањето се вели:

Доказите сугерираат дека изложеноста на загадувачи на воздухот предизвикува воспалителни состојби, го модулира имунолошкиот систем и ја зголемува експресијата на молекулите што ја фаворизира патогенезата на респираторните вируси и влијае на респираторниот систем. Сепак, механизмите на овие интеракции сè уште не се целосно разјаснети, па затоа е неопходно да се развијат нови студии за да се добијат информации кои ќе овозможат да се донесат здравствени и политички одлуки за адекватна контрола на респираторните инфекции, особено кај најранливата популација, во периоди на максимално загадување на воздухот.

Но, доктор Беќаровски никаде во неговата објава не спомнува, а уште помалку потврдува дека болестите имаат врска со тоа што „непознати сторители го испуштаат во воздухот“, како што се вели во спорната Фејсбук објава. Тој зборува како аерозагадувањето влијае на вирусните заболувања, но не вели дека аерозагадувањето произлегува од тоа што од авиони ни пуштаат „грипови, ковиди и бојни отрови“. А уште помалку го потврдува тоа што го вели авторот на објавата што е предмет на рецензија. Ниту, пак, каде било во истражувањето споделено од доктор Беќаровски се спомнува прскање од авиони. Дека неговиот статус е злоупотребен за да се шират невистини потврди за „Вистиномер“ и самиот доктор Беќаровски. На нашето прашање дали навистина мисли така како што вели оваа објава, или смета дека статусот му е злоупотребен, доктор Беќаровски го изјави следново:

Нормално дека е злоупотребен. Сè уште не сум забеган до толку.

Со теоријата на заговор за „кемтрејлс“ користена во постот, се инсинуира дека од авиони нè прскаат со хемиски супстанци, односно отрови кои предизвикуваат симптоми карактеристични за вирусни заболувања. Ова, се разбира е неточно.

Оваа невистинита и заснована на дезинформации теорија, го претставува верувањето дека вообичаените траги од кондензација што ги создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси за „злобни цели“.

Оние кои веруваат во оваа теорија на заговор сметаат дека штом патеката од авионите е подолго време видлива мора да содржи некакви опасни дополнителни супстанции. Според ваквите верувања нормалната трага од авионот треба брзо да се распрсне, така што облаците кои не исчезнуваат веднаш мора да бидат полни со дополнителни, неоткриени супстанции, во случајов отрови.

Ваквите тврдења се категорично отфрлени од научната заедница. Иако се направени истражувања, не е дојдено до ниту еден доказ дека наводните хемиски патеки се нешто различно од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови.

Белата патека што ја оставаат авионите во воздухот е патека која настанува од кондензација. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на Земјата. Патеките се составени од вода, во форма на кристали од мраз. Во зависност од температурата и влажноста на воздухот, тие можат да бидат видливи само неколку секунди или минути, или може да опстојуваат со часови и да се шират на неколку километри.

Не постои никакво труење и распрскување отрови од авиони, ниту пак, тие нè заразуваат со вируси. Сосема е неверојатно намерно да се шират вируси преку фрлање опасни раствори и тоа од огромна височина 5 или 10 илјади метри! Исто така, познатиот доктор Беќаровски не го изјавил, ниту на кој било начин го потврдил ова, туку неговата објава е злоупотребена и искористена за ширење невистини.