fbpx

Хронично болните нема да бидат ослободени од работа поради топлотниот бран, можат да земат боледување

Министерството за здравство укажува лицата кои имаат хронично заболување да се советуваат со својот матичен лекар, дали во момент на топлотниот бран, дополнително е потребно да отворат боледување, велат од министерството за Мета.мк

-

Засега Министерството за здравство нема да предложи хронично болните лица да бидат ослободени од работните обврски, поради топлотниот бран што ја зафати Европа, но и светот.

Од Министерството за здравство за Мета.мк велат дека на последната владина седница, завчера, биле усвоени сетот препораки за заштита на граѓаните од енормно високите температури и портокаловата фаза во која се наоѓа земјава, но меѓу нив нема препораки за хронично болните лица, особено за оние кои страдаат од респираторни и кардиоваскуларни заболувања или лица кај кои високите температури можат дополнително да им ја влошат здравствената состојба.

„Министерството за здравство укажува лицата кои имаат хронично заболување да се советуваат со својот матичен лекар, дали во момент на топлотниот бран, дополнително е потребно да отворат боледување. Министерството за здравство апелира до сите граѓани да се придржуваат до препораките донесени од Влада, како и да ги почитуваат советите на своите матични лекари. Во препораките од МЗ, се забранува вршење активности на отворено во период од 11:00 до 17:00 часот без разлика на здравствената состојба на граѓаните“, велат од министерството.

Од Владата известија дека портокаловата фаза во која се наоѓа државата се очекува да трае во следните десетина дена.

Поради тоа, од вчера продолжија да важат препораките за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.

Препораките кои се на сила се следните:

• Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години, чии работни ангажмани не е можно да се спроведат преку онлајн работа;

• Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;

• Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници;

• Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област;

• Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;

• Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници;

• Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.

Дополнително, Владата, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ги задолжи корисниците, односно стопанисувачите со државни шуми, согласно Законот за шумите, да прогласат забрана за движење во шумите, по добиена претходна согласност од надлежното министерство, што ќе се операционализира од утре, 17 јули 2023 година (понеделник).

Забраната важи и за движења во националните заштитени подрачја Јасен, Маврово, Попова Шапка и Пелистер. На подрачјето на Водно каде нема забрана за движење, се предвидени редовни контроли.

Овие мерки се на сила до 25 јули, а потоа Владата ќе одлучува за евентуални идни чекори.

Температурите на Медитеранот денеска го достигнуваат врвот

Топлотниот бран продолжува низ цела јужна Европа, а температурите во централниот дел на Медитеранот денеска се очекува да го достигнат врвот, пренесува Би-би-си.

Се очекува попладнево на италијанскиот остров Сардинија да има максимална температура од 46 степени Целзиусови, а има предупредувања дека екстремните горештини би можеле да продолжат уште 10 дена во одредени делови од Италија.Шпанија, исто така, се соочи со последователни топлотни бранови, при што температурите вчера достигнаа 44 Целзиусови степени.

Во меѓувреме, во САД, синоќа на полноќ температурата на метеоролошката станица во Долината на смртта, во Калифорнија сè уште беше 49 степени Целзиусови.

Во Јужна Швајцарија сè уште беснее шумски пожар, а над стотина пожарникари се борат да го стават под контрола.

Пожарот, според Би-би-си, избувнал вчера попладнето во близина на селото Бич во кантонот Валис и се прошири во текот на ноќта, соопштија локалните власти, додавајќи дека повеќе од 200 жители на околните села се евакуирани заради нивна безбедност. Пожари, поради високите температури, беснеат и во Грција.

Од Светското метеоролошко друштво веќе изјавија дека екстремните временски обрасци ја нагласуваат потребата од повеќе климатски активности.

ОН: Топлотните бранови се новото нормално – САД и Кина надминаа 50 степени Целзиусови

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...