Хелсиншки: Закани и навреди кон Ходаи за да се омаловажи и нападне неговиот активистички ангажман

Бруталните закани и говорот на омраза упатени кон младиот активист Бленди Ходаи се најсвеж пример дека на нашето општество му е неопходно темелно справување со овој феномен, кој има долгорочни разорувачки ефекти во меѓуетничките односи и севкупната општествена кохезија, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права по последните објави кои Ходаи ги сподели на социјалните мрежи откако кон него бил упатен говор на омраза.

„Во случајот на Бленди Ходаи, кој како претседател на Сојузот на средношколци на РСМ, деновиве е активен во застапувањето на барањата на средношколците околу организирањето на наставата во претстојната учебна година, заканите и навредите засновани на неговата етничка припадност очигледно се користат и за да се омаловажи и нападне неговиот активистички ангажман. И токму поради големиот број прерано згаснати и уништени млади животи поради омраза кон различниот, Ходаи, а и секој млад човек кој свесно и ангажирано учествува во општествениот живот со цел да го подобри и унапреди, треба да добие широка поддршка и заштита“ посочуваат од Хелсиншки комитет.

Како организација која редовно ја следи состојбата со злосторствата од омраза, Хелсиншкиот комитет постојано предупредува на корелацијата помеѓу говорот на омраза, кој со децении се одржува и потхранува, и од друга страна, случаите на насилство, кои за жал, често завршуваат со фатални последици.

„Изминативе години Комитетот регистрира загрижувачка тенденција на раст на делата од омраза во земјава, при што најголемиот дел и од жртвите и од сторителите на вакви дела се млади луѓе. Притоа, најчестиот основ за насилни инциденти помеѓу младите е етничката припадност“ потенцираат правниците.

Тие ги повикуваат надлежните институции сериозно да почнат да го третираат говорот на омраза и неговите последици.

Претходно и организацијата ЦИВИЛ го осуди говорот на омраза и побара од надлежните институции веднаш да реагираат, бидејки како што велат од ЦИВИЛ „заканувачката порака „Ќе се видиме надвор Баки“ е доволна и речиси најчеста причина за делата од омраза каде во највисок процент се и жртви и сторители, токму младите луѓе“.