fbpx

Хелсиншки и Здружение на млади правници: Луѓето што го прекршиле полицискиот час не треба да издржуваат казна затвор

Во периодот по донесувањето на Одлуката за вонредна состојба во март 2020 година, за прекршување на полициски часови биле изречени голем број парични казни, кои сега почнаа да се заменуваат со затворски казни, поради неможноста на дел од граѓаните да ги платат

-

Итно да се донесе Законот за амнестија, особено значаен за лицата од ранливите категории, а кои се осудени на казна затвор поради прекршување на полициски час во време на ковид-пандемијата, бараат Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници.

Од Хелсиншки велат дека неплатените парични казни во износ помеѓу 1.000 и 2.000 евра, а кои биле изречени во периодот кога поради пандемијата беа прогласувани полициски часови, веќе се заменуваат со затворски казни, поради неможноста на дел од граѓаните да ги платат истите.

Согласно законските прописи, доколку во рок од две години паричните казни не се намират, судијата за извршување на санкции ги заменува со казна затвор.

„Неплатените парични казни веќе се заменуваат со затворски казни, а тоа најмногу ги засега лицата во социјален ризик кои немаат доволно финансиски средства за да ги намират паричните казни. Практично тоа значи дека една неплатена парична казна од 2.000 евра се заменува со 100 дена ефективна казна затвор“, коментираат од Хелсиншкиот комитет.

Здруженијата на граѓани кои обезбедуваат бесплатна правна помош нотирале голем број на случаи на граѓани во социјален ризик кои не можеле да ги платат паричните казни – самохрани мајки, лица со попреченост и бездомници. Голем дел од осудените лица, исто така, не ги обжалиле пресудите од причина што не ги примиле или пак не ги познавале нивните права да поднесат приговор до надлежниот суд.

„Сите овие лица ќе влијаат врз зголемување на пренатрупаноста која секако ја има во поголемиот дел од затворите, а дополнително една од целите на казнувањето – ресоцијализацијата, нема да биде исполнета, имајќи предвид дека лицата казната затвор би ја издржувале во нехумани и деградирачки услови нотирани во дел од установите од страна на Хелсиншкиот комитет и Македонското здружение на млади правници, како и од страна на CPT – Европски комитет за спречување на тортура и Народниот правобранител“, реагираат Хелсиншкиот комитет и Македонското здружение на млади правници.

Според статистичките податоци, само во главниот град, од почетокот на вонредната состојба во март 2020 година до октомври 2022 година, во Основниот суд Скопје имало 280 неплатени парични казни кои биле заменети со казна затвор, а 205 осудени лица добиле упатни акти да издржуваат казна затвор.

Хелсиншки и Млади правници бараат на осудените лица кои се осудени со правосилна судска пресуда на парична казна за кривичните дела од членовите 205 („Пренесување заразна болест“) и 206 („Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“) од Кривичниот законик или на кои паричната казна им е заменета со казна затвор, казната да им се замени со алтернативна мерка условна осуда. За оние лица кои започнале со исплаќање на паричната казна, но не го платиле целиот износ, предлог-законот предвидува преостанатиот дел од паричната казна да им се замени со алтернативна мерка условна осуда.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Таткото на Вања Ѓорчевска оди во домашен притвор

По речиси пет месеци во притвор, Врховниот суд одлучи таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, да оди во куќен притвор. „По одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот...