fbpx

Груевски: Народот може да даде најдобра оценка за извештајот

-

Македонија седма година по ред добива препорака од Европската комисија за почеток на преговори за членство во Европската унија, изјави премиерот Никола Груевски, откако од амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, го прими годишниот извештај за напредокот на земјата во евроинтеграциите.

Груевски рече дека политичкиот извештај ги оценува карактеристиките на Македонија низ призмата на интересите на ЕУ и додаде дека народот на изборите во април следната година ќе го даде својот извештај.

– Секако, за темите опфатени во извештајот, најдобра оценка може да даде народот, затоа што токму народот во нашата земја ги знае секојдневните предизвици со кои се соочува, ги знае сите актери и околности, и оценката, односно извештајот на народот ќе дојде на наредните избори и тука сè ќе биде јасно и секому ќе биде јасно дека народот е тој што во оваа држава одлучува – рече Груевски.

Премиерот истакна дека во извештајот има позитивни забелешки и вреднувања, но оти се обележани и области во кои има недоволен напредок.

– Има и критики, но фактот што постои препорака, значи дека позитивните моменти превагнале во оценката на Европската комисија во поглед на исполнување на критериумите. Се надеваме дека по исполнувањето на критериумите, по изборите во 2016 година, нема да сме подложени на нови пречки и на услови за недобивање датум за преговори – рече Груевски, додавајќи дека статус-кво ситуацијата во однос на евроатланските интеграции е лоша за државата.
Македонија, како што рече Груевски, очекува откочување на интегративните процеси и добивање датум за преговори, што ќе претставува потврда на сето тоа што досега е направено и што ќе се направи.

– Владата темелно ќе го проучи и че го анализира извештајот на Комисијата. Изнесените оценки, забелешки и препораки, како и досега, ќе претставуваат патоказ за идните активности на Владата во пристапниот процес и ќе бидат преточени во конкретни дополнителни мерки при ажурирање на владиниот акциски план за итните реформски приоритети и на националната програма за усвојување на правото на ЕУ. Ефикасната реализација на овие два документи останува да биде приоритетна задача на Владата – рече премиерот.

Груевски се задржа и на проблемот со името и ја повтори подготвеноста на македонската влада за наоѓање решение во рамките на меѓународната правна рамка, дефинирана од Обединетите нации и од Меѓународниот суд на правдата.

– Сакаме да имаме проактивен и интензивен процес на највисоко политичко ниво. Времето покажа дека одложувањето на решавањето на ова прашање не е од корист никому, но важно е да се истакне дека какви било непропорционални и неконвенционални условувања нема да придонесат во наоѓање решение за кое било важно прашање за нашата земја – рече Груевски, додавајќи дека Македонија останува посветена на тоа да ги развива договорените мерки за градење доверба со Грција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...