fbpx

Грција со поделени реакции околу победата на Трамп

-

Грчката влада сè уште нема објавено официјален став за изборот на Доналд Трамп за нов американски претседател, но коалицискиот партнер Панос Каменос и голем број грчки политичари веќе излегоа со свои ставови, реакции и со честитки.

Извори од грчката влада за телевизијата „Скај“ истакнале дека промената на власта не значи и промена на американските позиции кон Грција во однос на надворешната политика и на грчкиот долг. Грчкиот долг и финансиската криза се тема за која грчката влада се надеваше на поддршка и од идната американска влада, особено во пресрет на посетата на Барак Обама идната недела на Атина.

Извори од кабинетот на Ципрас, сепак, истакнале дека и покрај изборот на Трамп, посетата на Обама ќе има голема важност за Грција и за разговорите за грчкиот долг.

Со честитки до Трамп, од Бејрут се јави шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, посочувајќи дека ќе продолжат да се развиваат добрите грчко-американски врски.

– Како грчка влада имаме важни врски и со двете партии, Демократската и Републиканската. За прашањата поврзани со регионот имавме разговор со претставници на Трамп во септемвир во рамки на Генералното собрание на Обединетите нации. Грчката влада и секоја грчка влада секогаш имаше добри врски со САД и со американскиот народ. Ќе продолжиме да имаме многу добри политички врски – истакна Коѕиас.

Меѓу тие што исто така му честитаа на Трамп се Независни Грци и Златна зора. Лидерот на десничарите Независни Грци, Каменос, преку „Твитер“ ја честиташе победата на Трамп.

„Честитки за новиот претседател Трамп, важна ќе биде за Грција отсега позицијата на Американецот со грчко потекло Јоргос Папапдопулос“, напиша Каменос.

Од неонацистичката Златна зора сметаат дека победата на Трамп е победа на силите кои се борат против глобализација, нелегална миграција и сили кои се за чисти држави. Лидерот на партијата Никос Михалолиакос ја смета за позитивна победата на Трамп.

„Златна зора смета дека е позитивна победата на Доналд Трамп на изборите во САД. Победа која се постигна против силите на политичкиот и на финансискиот естаблишмент во САД. Важно е да се истакне дека за време на целиот предизборен период Трамп беше буквално линчуван од сите големи медиуми во САД, како и од домашните олигарси. Доаѓа времето на нациите – држави наспроти глобализацијата“, вели во пишана изјава Михалолиакос.

За разлика од честитките на Каменос, Димитрис Пападимулис, европратеник од СИРИЗА, излезе со негативен коментар за исходот од американските избори.

„Победата на Трамп е негативен развој на настаните за демократијата и за стабилноста на целиот свет“, истакна Димулис за радиото на грчката информативна агенција АПЕ, додавајќи дека овој исход може да предизвика силен удар на демократијата и во Европа.

„Ова е крај на светот како што го знаеме“, напиша на „Твитер“ потпаролот на десничарската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос.

Лидерот на партијата Река, Ставрос Теодоракис, исто така се огласи со порака преку „Твитер“.
„Меѓу нас ги имаме добриот и лошиот волк. Победува тој што го храниме повеќе. Стара индиска поговорка“, напиша Теодоракис.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...