fbpx

Грција предложила реформи и мерки во висина од осум милијарди евра

-

Новата листа со грчки предлози детаљно ќе се дискутира утре во Брисел, на новиот итен состанок на Еврогрупата. Изменетата листа на грчката влада предлага мерки во висина од осум милијарди евра, кои во Брисел се сметаат за добра основа за разговор и влеваат надеж дека во следните денови, доколку се постигне компромис и се испеглаат сите прашања, може конечно да се постигне договор што ќе даде зелено светло за финансиска помош за Грција.

Надежите во Атина се дека дури и на утрешниот состанот на Еврогрупата може да се дојде до крај на петмесечниот преговарачки трилер и на безбројните катастрофални сценарија и закани за грчки финансиски колапс и за излез од еврозоната.

Премиерот Алексис Ципрас, по вчерашните средби во Брисел и по вонредниот Самит на ЕУ, забележа дека предлозите се прифатени како основа за разговор, на која сите страни многу интензивно ќе работат деновиве за да се дојде до одржлив договор и до силен пакет што ќе овозможи побрз економски развој за Грција.

– Топката сега е во рацете на европските лидери – истакна доцна ноќеска Ципрас во Брисел, индиректно посочувајќи на овој начин дека Грција има направено сè што може за да се дојде до компромис.

Грчката листа со реформи и со предлози, во суштина, опфаќа мерки во висина од осум милијарди евра, кои ќе се спроведат во текот на 2015 и на 2016 година. Дел од мерките опфаќаат промена на ДДВ за одредени услуги, на пример, шест отсто за книги, лекови, 13 отсто за храна и за струја и 23 отсто за сè друго, а се размислува толку да биде и ДДВ за угостителските услуги. Покрај тоа мерките предвидуваат ограничување на предвременото пензионирање и намалување на фондовите за предвремено пензионирање, зголемување на осигурителните придонеси за пензиите, зголемување на придонесите за пензионерите за медицинската нега, ново зголемување на даноците за богатите граѓани, односно 12 отсто од профитот на компаниите кои имаат профит поголем од 500.000 евра, зголемување на даноците за компаниите од 26 на 29 отсто, намалување на буџетот за војската за 200 милиони евра, нов данок за телевизиските реклами, поголем данок за луксуз кој сега ќе ги опфати и приватните базени, авиони и приватните јахти, поскапување на дозволите за мобилната телефонија и електронските игри на среќа.

Грчката влада според предлогот што го испрати се согласува на низок примарен суфицит од еден до два отсто за 2015 и за 2016 година. Направени се и промени во данокот кој се плаќа за солидарност за да не мора да плаќаат пензионерите со ниска пензија и вработените со ниски примања. Во листата се предвидени и идеи за поефективно справување со нелегалниот шверц на нафта, поактивно справување со лицата кои имаат сметки во странство, а се посочени на листата Лагард, односно ефективно справување со големите затајувачи на данок. Владата на Ципрас не прифатила идеи за масовни отпуштања и за нови намалувања на плати, ниту, пак, предлози за приватизирање на дел од електродистрибутивната мрежа. Што се однесува до приватизацијата, грчката влада ќе бара при приватизирањето да има добра заштита на работничките права, ќе ги обврзува инвеститорите за унапредување на локалната економија и ќе има задолжително учество на државата и во приватизираната компанија.

Според грчката влада, овие предлози не се дел од нејзината зацртана програма, туку се резултат на интензивните преговори и на притисоци за да се постигне компромисен договор, кој, сепак, ќе го заштити грчкиот народ и нема да ја осуди државата на строги мерки за штедење.

Потпаролот на грчката влада, Гаврил Сакеларидис, истакна дека грчката влада и понатаму е под големи притисоци за дополнителни мерки, но нема да направи дополнителни чекори назад од нејзините црвени линии и нема да прифати нови мерки освен тие што се поднесени во последниот предлог.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...