fbpx

Грција има пет дена да постигне договор со ЕУ

-

Шефовите на држави и на влади, кои се состанаа за да најдат решение за кризата во која се наоѓа Грција откако истече рокот за нова финансиска помош и беше организиран референдум на кој граѓаните ги отфрлија мерките за штедење, свикаа уште еден самит в недела, овојпат со сите 28 земји-членки, бидејќи вчеравечер не беше постигнат договор.

Канцеларката Ангела Меркел на прес-конференцијата изјави дека од Грција „до четврток се очекува детален план на предлози на краток и на среден рок“. Меркел додаде дека лидерите разговарале за трет план за помош за Грција на денешниот самит, за да може да се донесе Грција во стабилна состојба. Според канцеларката, грчкото прашање ги засега сите земји-членки, а не само членките на еврозоната, затоа в недела ќе се соберат повторно сите лидери во Брисел да ја диксутираат состојбата. Дотогаш се очекува Атина да поднесе барање за финансиска помош од европскиот механизам за стабилност, механизам воспоставен во 2012 гдина во ЕУ за помош за излез од должнички кризи каква што доживува Грција. Овој механизам го заменува европскиот фонд за финансиска стабилност од 2013 година.

За да биде одобрена каква било финансиска помош, Грција ќе треба прво да презентира список предлог-мерки кои треба да бидат анализирани од европските институции.
Меркел додаде дека отпишување на долгот „не доаѓа предвид“. Кога Грција ќе си ги почитува заложбите, ќе може да се разговара за одржливоста на долгот, додаде канцеларката.

Доналд Туск изјави дека „крајниот рок за Грција завршува оваа недела“.

– Треба да разговараме какви се последиците за целата Европска унија, вклучително и можноста за хуманитарна акција во Грција. Ова е едно од најкритичните прашања во историјата на ЕУ и на еврозоната – рече Туск.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, од своја страна, порача дека неговата институција е подготвена на сè, вклучително и на „излез на Грција“ од еврозоната.

– Јас силно се противам на излез на Грција од еврозоната, но не можам да го спречам ако Грција не го стори тоа што треба. Европската комисија има обработено детален план за излез на Грција од еврозоната – рече Јункер.

Тој го изрази и своето незадоволство од изјавите на поранешниот грчки министер за финансии, Јанис Варуфакис, кој ЕУ-институциите ги нарече „терористи“.

– Кои се тие? Кој мислат дека сум јас за да користат зборови како терорист – праша Јункер на прес-конференцијата.

Тој додаде дека крајниот рок за Грција е петок, во 8.30 наутро.

Помеки тонови дојдоа од францускиот претседател Франсоа Оланд, кој смета дека одговорност треба да преземат и Грција, но и другите земји-членки на ЕУ. Сепак, и тој потврди дека излезот на Грција е опција која се наоѓа на масата и на која сите се подготвени ако до крајот на оваа недела нема сериозен напредок. Оланд препупреди дека не треба никој да помисли дека „нема да има последици доколку Грција излезе од еврозоната“.

Високи дипломатски извори присутни на преговорите на Еврогрупата за медиумите коментираа, сепак, дека новиот министер за финансии бил подготвен да направи компромис и дека по референдумот се олеснува позицијата на грчкиот премиер. Тие велат дека со силната поддршка што ја доби и обединувањето на сите големи политички партии во Грција, не е исклучено Ципрас да отстапи од тврдите ставови.

Белгискиот премиер Шарл Мишел на прес-конфернција, пак, изјави дека не слушнал ништо ново од Ципрас и дека целата одговорност лежи кај Грција.

– Имаше барање за пари на многу краток и среден рок, но немаше конкретни предлози во врска со одговорноста на Грција – рече Мишел.

Грчкиот премиер, од своја страна, бара „социјално фер и економски одржливо решение“.

– Потребен ни е план кој ќе донесе пораст за да се справиме со невработеноста и со сиромаштијата – изјави Ципрас во Брисел, додавајќи дека е „подгтовен да направи напор“ за договор кој ќе овозможи излез од кризата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...