fbpx

Грција гласа: Први избори со неизвесност за победникот

-

По само осум месеци од изборот на владата на СИРИЗА, грчкиот народ денеска повторно излегува да гласа на парламентарни избори. Повеќе од 9,8 милиони Грци што имаат право на глас, денеска ќе треба да се определат која партија и политичка опција да одлучува за нивната иднина и за спроведувањето на новиот договорен пакет мерки.

Што ќе биде изборот на народот останува загатка сè до пребројувањето на последните гласови.

Левичарската СИРИЗА, која од единствената капка надеж и симбол за бунтувањето против ЕУ со договорот за третиот меморандум, застана во иста линија со двете партии кои традиционално владееја со Грција изминатите три децении или, пак, десничарската Нова демократија, која сè уште се поврзува со старите меморандуми и со стариот корумпиран политички систем, но игра на картата на погрешните чекори на Алексис Ципрас и ветува соработка со повеќе политички опции за полесно справување со кризата?

Гласачките места се отворија изутринава во 7 часот по локално време, а ќе се затворат во 19 часот. Веднаш по затворањето на гласачките места, сите медиуми ќе излезат со резулатите од свои анкети и со процени за можниот победник на изборите. Првите официјални бројки од Министерството за внатрешни работи може да се очекуваат околу 21 до 21.30 часот по локално време.

Изборите се одвиваат во исклучително комплексна клима за Грција, поради финансиското обременување кое ѝ се случува на државата поради трансакциските лимити во банките, но и новата бегалска криза.

Последните анкети што осамнаа во медиумите, покажуваат благо водство на СИРИЗА. Експертите предупредуваат дека ваквата неизвесност која владее во моментот, може да значи дека ќе биде неопходно да се почекаат целосно пребројаните гласови пред која било од партиите да прогласи изборна победа.

Покрај точниот процент на добиените гласови, на овие избори клучно е да се види и колкав процент ќе добијат помалите партии и колку од нив ќе влезат во парламентот. Таа бројка е клучна и за потенцијалната нова владина коалиција што ја очекува Грција, бидејќи сите бројки покажуваат дека ниту една партија нема да освои апсолутно мнозинство.

Победникот на изборите ќе мора да ги разгледа помалите партии и нивната застапеност во парламентот за да одлучи со кого би сакал и би можел да коалицира и да ја води државата. Ципрас посакува доволно силен рејтинг за себе и за Независни Грци за да се продолжи животниот век на оваа влада, но доколку десничарската партија не влезе во собранието, ќе биде принуден да формира коалиција со некоја од центристичко-левичарските партии, како Река и ПАСОК, додека, пак, Нова демократија е отворена за соработка и со самата СИРИЗА.

Во изминативе шест години, ова се први избори на кои навистина е нејасно која партија би можела да победи и со кого да формира коалиција. Единствените две партии кои јасно се декларираат како партии против мерките за штедење се Народно единство и Златна зора, додека другите се свесни дека ќе мора да се имплементираат договорените мерки за Грција да може да продолжи да добива финансиска помош од ЕУ.

Она што изненадува е дека само за осум месеци предизборната клима е целосно изменета. Ако во јануари беше јасно дека Ципрас е ѕвездата на изборите, јасниот избор на народот за премиер и сила која би донела промена во Грција, сега, во септември, голем дел од неговите верни поддржувачи се двоумат дали да му се даде втора шанса поради начинот на кој се справи со референдумот и со преговорите со кредиторите.

Против Ципрас се и голем дел од големите медиуми, кои истакнуваат во своите текстови дека покажал аматеризам и поради тоа не треба да добие втора шанса да ја раководи Грција.

Голем дел од грчките и од странските експерти коментираат дека речиси и не е важно која партија ќе дојде на власт, дали Нова демократија или СИРИЗА, бидејќи програмата според која ќе функционира државата целосно ја контролираат ЕУ и странските кредитори, според веќе договорениот меморандум.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.