Грета Тунберг казнета од шведскиот суд за непочитување на полициска наредба

Активистката која од 2018 година стана заштитно лице на младинското движење за климата, призна дека учествувала на протестот во Малме во јуни, но се изјасни дека не е виновна со образложение дека дејствувала од потреба

Грета Тунберг, фотографија од 9 септември 2022 г., Стокхолм, Шведска | Фото: Frankie Fouganthin, CC BY-SA 4.0, Викимедија комонс

Грета Тунберг е казнета од шведскиот суд откако беше прогласена за виновна, за непочитување на полициската наредба за напуштање протест за клима, соопштува Гардиен.

Активистката која од 2018 година стана заштитно лице на младинското движење за климата, призна дека учествувала на протестот во Малме во јуни, но се изјасни дека не е виновна, со образложение дека дејствувала од потреба.

„Моите постапки се оправдани. Верувам дека сме во вонредна состојба која го загрозува животот, здравјето и имотот. Безброј луѓе и заедници се изложени на ризик и на краток и на долг рок“, кажала Тунберг пред судот.

Пред пет години, Тунберг, на 15 години, почнала да не оди на училиште секој петок и да организира соло протести за климата пред шведскиот парламент во Стокхолм.

Нејзините неделни демонстрации прераснаа во глобален бран на младински протести за климата, а таа се здоби со слава поради нејзината возраст и отвореното говорење за ужасната иднина со која се соочуваат младите луѓе.

Тунберг беше дел од групата активисти кои го блокираа патот за камиони со нафта во пристаништето Малме. Таа беше обвинета затоа што не заминала кога полицијата ѝ наредила да го стори тоа.

Шведска ќе ја обвини Грета Тунберг за блокирање на нафтено пристаниште