fbpx

Градскиот совет Ќосето го постави кај Ист Гејт, други одлуки не можат да донесат

Во прикажаната деструктивност при одлучувањето денеска улога имаа сите советнички групи

-

Нова редица од деструктивни одлуки донесоа денеска советниците во Советот на град Скопје. Набавката на еколошки автобуси за ЈСП-Скопје не се изгласа, исто како што не помина ниту одлуката за изградба на брзиот автобуски систем – БРТ во Скопје. Не поминаа ниту предложените измени кај субвенциите што треба да се издвојат за јавните претпријатија во 2024 година, а ретко нешто што успеа да го усвои градскиот совет е повторно да се издигне споменикот на Андон Лазов-Ќосето кај Ист Гејт.

Во прикажаната деструктивност при одлучувањето денеска улога имаа сите советнички групи. Барањето на градоначалничката Данела Арсовска за одобрување на кредит за набавка на еколошки автобуси не беше поддржано од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ воопшто не гласаше за одлуката за изградба на брзиот автобуски систем – БРТ во Скопје, додека самата одлука за поставување на споменикот на Ќосето беше остро осудена од СДСМ, но дојде како предлог од Данела Арсовска и беше прифатена од ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

Единствен консензус којшто успеаја да го постигнат советничките групи е поставувањето на нови станици за полнење на електрични автомобили во главниот град, која беше прифатена од 32 советници.

Скандалозната одлука за поставување на Ќосето кај Ист Гејт беше донесена со минимално мнозинство од 23 советници од вкупно 45, кои гласаа „ЗА“. Согласни за поставувањето на Ќосето беа од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и советниците кои ја поддржуваат Данела Арсовска. Против одлуката гласаа тројца советници, додека седум беа воздржани.

Љубица Јанчева од советничката група на СДСМ изјави дека одлуката за поставување на споменикот на Ќосето нема да ја поддржат, а споменикот бил претходно дислоциран од пред Судската палата затоа што бил дивоградба. Љубица Јанчева кажа дека не постои спомен обележје со висина од 8 метри, колку што Ќосето е висок, туку дека станува збор за монументален споменик.

Јанчева побара од Градот Скопје и ВМРО-ДПМНЕ да го достават на увид Деталниот урбанистички план за локацијата каде што планираат да го постават Ќосето, тврдејќи дека ваква локација во ДУП-от нема. Таа праша дали е доставен елаборат, дали има одобрение за градба и колку средства ќе треба да се издвојат за Ќосето бидејќи ќе треба да се гради нов постамент.

Љубица Јанчева предупреди дека ако градскиот совет ја донесе одлуката за поставување на Ќосето, истата ќе биде противзаконска и со истата ќе треба да се позанимаваат државните органи.

Инаку, споменикот на Ќосето, како што образложија од градската администрација, ќе се подигне на крстосницата со булеварот Александар Македонски и улицата Беласица во непосредна близина на Ист Гејт.

Советот на град Скопје денеска повторно не ѝ дозволи на градоначалничката Данела Арсовска да се задолжи за набавка на еколошки автобуси за ЈСП-Скопје. Само 12 советници од помалите советнички групи ја поддржаа предлог-одлуката за набавка на автобуси, додека мнозинството советници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ воопшто не гласаа за ваквата одлука. Оваа одлука најпрво се гласаше од градските советници, а подоцна во Советот на град Скопје се побара повторно гласање за истата, кое ќе се случи пак, но како последна точка на денешната седница.

Градската администрација во неколку наврати годинава побара од Советот на град Скопје задолжување за набавка на автобусите. Изминатава пролет Арсовска бараше 10 милиони евра за да купи еко-автобуси на ЈСП, но советниците не ѝ дозволија, барајќи одговори за тоа какви автобуси ќе се набавуваат, за што ќе се користат и како ќе се воведат нови линии.

Од СДСМ во неколку наврати го посочија фактот дека Скопје треба да го реализира проектот за брз автобуски превоз – БРТ Скопје, но за ова воопшто не добија поддршка од ВМРО-ДПМНЕ кои не гласаа за овој проект и истиот денеска беше повторно отфрлен, така што само 16 советници гласаа „ЗА“, двајца беа воздржани и преостанатите одлучија воопшто да не гласаат за изведбата на двете БРТ линии, за кои владата веќе даде согласност да се градат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...