Од наредната година, Државната комисија за спречување на корупцијата, која од февруари ќе биде во нов состав, ќе има обврска да ја исконтролира имотната состојба на четворица судии и јавни обвинители, тројца директори на болници, четири градоначалници и советници во советите на општините, како и имотната состојба на тројца директори на јавни претпријатија и на акционерски друштва во државна сопственост, а ќе се проверуваат и други функционери за кои има укажување во текот на постапките.
Од Антикорупциската комисија соопштија дека од 1 јануари 2024 години ќе биде во функција новиот електронски систем за поднесување на изјава за имотна состојба и интереси.
„Лицата кои согласно член 82 и 85 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси имаат обврска да доставуваат изјава за имотна состојба и интереси и промена на имотната состојба и интересите, почнувајќи од 01.01.2024 година, изјавата треба да ја доставуваат преку електронскиот систем со најава на следниот линк: https://imotnasostojba.dksk.mk/, а печатена копија од изјавата да достават до писарницата на ДКСК“, изјавија оттаму.
Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси допполнително утврди и четири ризични области на кои ќе работи во 2024 година.
„Се тргнува од ризични области и се става акцент на посебни сектори. Во 2024 година ДКСК означи четири такви области. Посебен акцент ќе биде ставен на правосудството, здравството, локалната самоуправа и јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост“, објави членката на ДКСК, Софка Пејовска Дојчиновска.
Освен ова, ДКСК следната година ќе испитува и тоа дали во одредени закони се кријат правила кои претставуваат ризик од корупција.
Според Планот за антикорупциска проверка на законодавството, на тапет на ДКСК следната година ќе се најдат Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Законот за финансиска полиција, Законот за ДКСК, Законот за лобирање, Законот за судови, Законот за јавно обвинителство, Законот за административни службеници и Законот за вработување во јавната администрација.