Град Скопје објави конкурс за три летни сцени во Градскиот парк

Градски парк Скопје / Фото: Wikimedia commons

Град Скопје објави конкурс за три идејни решенија за летни отворени сцени во Градскиот парк во Скопје. Идејата e преку партерно уредување на локациите да се предвидат позиции на кои ќе се постават монтажни бини во рамките на Летната отворена сцена со што ќе се направи интерактивно место на кое ќе се одржуваат културни манифестации на отворен простор.

„Основна цел и задача на конкурсот е да се зголемат содржините во паркот и на тој начин да стане еден несекојдневен природен амбиент, поинвентивен и попривлечен за посетителите“, се вели во конкурсот.

Локации за кои треба да се понудат решенија се: површината која се наоѓа во првиот дел на паркот, односно во непосредна близина на езерцето, делот кој се наоѓа спроти Сточарски институт и површината во вториот дел на паркот, односно во непосредна близина на езерцето, спроти Кајак Кану клубот „Илинден 90“.

Предвидени се три награди од бруто износ 70.000 денари за секоја локација. Рокот за доставување на решенијата е до 16.6.2020 до 12 часот, а секој учесник може да поднесе решение одделно само за една, две или сите локации. Од особено значење е да се води сметка за пристапноста и употребливоста на планираното решение и од страна на лицата со посебни потреби.

Жири комисијата која што ќе одлучува за овие решенија е составена од Горјан Гишев, Тања Балаќ, Никола Наумовски и Ирина Ставрева.