Елена Гошева, претседателката на Уставниот суд, ги оцени изјавите на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, како неприфатливи и неодговорни. Според Гошева, таквите изјави на Јанева ја компромитираат нејзината улога во СЈО.
– Изјавите на Катица Јанева насочени кон негирање и деградирање на постојните државни органи и институции во Република Македонија истакнувам дека се неприфатливи, неодговорни и компетенциите на ова лице во вршењето на работите што ѝ се дадени во надлежност тоа не го дозволуваат. Таа треба да знае дека Македонија е демократска и независна држава во која функционираат институции основани со Устав и со закон, во согласност со демократските принципи – пишува во писмената реакција на Гошева.
Таа посочува дека Уставниот суд е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста и дека никој нема право да креира форма на противуставно и на противзаконско дејствување.
Во писмената реакција Гошева порачува да се ослободи Уставниот суд на Република Македонија, како и другите институции на организацијата на државата од субјективни фрази и од квалификации во изјави кои поттикнуваат антидемократски методи и средства на дејствување во општеството.