Годинешниот Скопски маратон според бројот на досега пријавените ќе биде најмасовен досега, соопшти организаторот на манифестацијата.

„Ни остануваат уште 100 дена до најпопуларната и најмасовната спортска манифестација во Македонија, „Виз ер скопски маратон“. Како се доближуваме до датумот на одржувањето, 8 мај, така бројот на пријавени учесници се зголемува“, соопшти организаторот, Сојуз на спортови на Скопје.

„Виз ер скопски маратон“ минатиот месец го отвори рокот за пријавување, а до 31 јануари пријавувањето е по поволни цени. Рокот продолжува до 29 април или додека не се пополнат предвидените места. Организаторот на маратонот, Сојуз на спортови на Скопје, објави дека досега имаат повеќе од 700 пријави од 20 земји.
Пријавените учесници во маратонот, полумаратонот и во штафетниот маратон од 2015 година ќе добијат бесплатно учество на трките во 2016 година.

Стандардните трки – маратон (42.195 километри), полумаратон (21.097 километри) и трката на 5 километри остануваат и оваа година главно обележје на маратонот, а организаторите најавуваат и штафетен маратон, со што остануваат четири трки на програмата, како што беше планирано и за минатиот маратон.

Дванаесеттото издание на маратонот е под покровителство на Градот Скопје, Мисијата на Европска унија и на Агенцијата за млади и спорт.

Спонзорот „Виз ер“ на сите учесници ќе им додели вредносен купон од 20 евра, кој ќе можат да го искористат за купување билет за сите летови на кои оперира оваа авионска компанија од и до Скопје.