Голем интерес кај македонските ученици за интернационалниот стрип конкурс

Фото: Стрип центар

Стрип центарот на Македонија – Велес пред неполни два месеца го објави интернационалниот стрип конкурс „Велес 2021 Златен стрип“ како дел од традиционалниот стрип салон на меѓународно ниво. Како што известува програмскиот директор, Томе Трајков оваа година созреаа условите овој стрип конкурс да се препрати до основни и средни училишта од сите општини од државата, како и приватни училишта и студија.

„Македонскиот стрип центар влезе во постојана комуникација со училиштата, интересот е голем и потврдува дека учениците се свртуваат кон стрипот. Наставниот персонал, израснат во период на голем интерес за 9та уметност кај нас, во тоа ги поттикнува. Се свртуваме кон сите средини пред сè етнички, овозможувајки искажување на својот мајчин јазик“, вели Трајков.

Според него, стрипот како медиум може да придонесе младите луѓе да ја канализираат својата енергија, гнев, жар, сето она што ги мачи како тинејџери или студенти.

„Стрипот има можност да ги стимулира да си го најдат својот развоен пат, како личности, во еден друг позитивен правец. Непознат е за мене стрип каде што негативците победуваат – можеби хероите не победуваат секогаш, но не губат. Тоа е многу важно како порака во животот“, смета Трајков.

Тој додава дека во Хрватска стрипот се изучува факултативно во училиштата, а во Бугарија е дел од високото образование.

„Кај нас нема интерес тој да стане дел од формалното образование, барем во дел од часовите по ликовно. Стрипот не се изучува како посебен предмет ниту во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје ниту на Ликовната академија“, вели Трајков.