Локалната власт во нашата земја исполнува само 25 отсто од индикаторите за отвореност, анализирани по областите транспарентност, пристапност, интегритет и ефикасност. Оваа просечна оцена, која е значително под просекот во регионот, покажува ниско ниво на ангажираност и посветеност на општините на исполнување на стандардите за отвореност.

Ова е еден од главните наоди во студијата што ја подготви Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во соработка со партнерите од регионалната мрежа на невладини организации „ActionSEE“, а во која брз база на научни методи се анализира нивото на транспарентност, отвореност и отчетност на локалната самоуправа во регионот на Западен Балкан, вклучително и нашата држава.

„Овој индекс покажува алармантна состојбата на отвореност на локалната власт, со оглед на суштината на постоењето на општините, каде тие треба да бидат во служба на граѓаните; транспарентноста да ја темелат на отворени податоци и информации; да имаат јасни процедури за партиципативно одлучување, како и јасни процедури за добивање на јавните услуги; но и отчетно да објаснуваат за што ги искористиле јавните пари кои им биле на располагање и на кој начин го подобриле животот во заедниците“, пишува во студијата.

За ваквата состојба „Мета,мк“ побара мислење од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС). Оттаму велат дека транспарентното работење е едно од приоритетите на локалната власт, како и дека сметаат дека во таа насока е  забележан континуиран напредок.
Сепак студијата открива дека општините во државава варираат од неверојатно ниски 2 отсто исполнување на индикаторите на отвореност од страна на општина Ранковце до највисоко рангираната општина Струмица со 52 отсто, на исполнување на индикаторите на отвореност.

Принципот на транспарентност, кој подразбира дека информациите за организациската поставеност, буџетот и постапките за јавни набавки се јавно достапни и објавени на веб-страниците на општините, општините го исполнуваат со 31 отсто.

„Може да се забележи дека исполнувањето на индикаторите во поткатегоријата транспарентност на буџетите, споредено со другите поткатегории во индексот на транспарентност, е највисоко на скалата на исполнување, но сепак мора да се истакне дека само третина од општините континуирано во последните три години ги објавиле донесените буџети и тие тоа го прават во заштитени ПДФ формати, што ги прави тешко пребарливи за граѓаните. Повторно, само третина од општините имаат пракса да ги објавуваат полугодишните извештаи за извршување на буџетот, преку кои граѓаните добиваат прецизни информации за приходите и расходите во текот на годината. За жал, не постои практика на објавување на Граѓански Буџети на општините, со што се ускратува можноста граѓаните, на едноставен начин, преку графикони и илустрации, да го разберат буџетот, односно кои се изворите на средства во нивната општина, а кои се приоритетите за кои ќе се трошат нивните пари“, пишува во студијата.

Помалку од половината од анализираните општини (Боговиње, Брвеница, Чашка, Демир Хисар, Гази Баба, Кочани, Кратово, Маврово и Ростуше и Струмица) ги објавуваат повиците за јавните набавки кои се во тек на нивните веб-страници. Додека, само половина од анализираните општини го објавуваат Планот за јавни набавки за тековната година.

„Покрај ова, од оценуваниот примерок на општините, само 20 отсто ги објавуваат одлуките од спроведените јавни набавки на сопствените веб-страници (Боговиње, Брвеница, Демир Хисар, Гази Баба, Кратово и Струмица). Со оглед дека активностите на општините се тесно поврзани со трошењето на јавните пари, останува минатогодишната препорака, во иднина општините темелно да ја унапредат својата отчетност во објавување информации поврзани со јавните набавки, односно да ги објавуваат плановите за јавните набавки, повиците и одлуките со што ќе се приклучат на добрата практика воспоставена од општините Боговиње, Брвеница, Демир Хисар, Гази Баба, Кратово и Струмица)“, се вели во студијата.

Од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) велат велат дека транспарентноста останува приоритет во работењето на локалната власт.

„Според „Индексот на  активна транспарентност за 2018“ од Центарот за граѓански комуникации, неколку општини го имаат водечкото место. Генерално и нашето гледиште е дека  одредени општини  покажуваат  максимално  транспарентното работење,  а некои дека треба да посветат дополнително внимание на оваа област. Во таа насока ЗЕЛС  минатата година реализираше повеќе обуки на кои беа повикани првенствено лицата  за односи со јавноста од општините. Обуките беа посветени на повеќе теми, меѓи кои и на : „Управувањето со внатрешната комуникација – важен услов за транспарентно работење на општината“, „Активна транспарентност на општината“ и слично. При тоа  присутните имаа можност да ги слушнат искуствата на најтранспарентните општини, како и на кој начин ги постигнале високите резултати за транспарентно работење. ЗЕЛС, исто така, во текот на  повеќе години наназад  реализира низа проекти со општините, преку кои  посветува  големо внимание локалните власти да обезбедат соодветни постапки и услови за поголема  вклученост на граѓаните во донесувањето на  одлуки од локално значење. Таков поизразен пример, претставуваат ,,форумите во заедниците“, кои се институционализираат во статутите на општините, како нова, дополнителна алатка за граѓанско учество во локалната власт, која ефикасно се применува во многу општини“, велат од ЗЕЛС.

Околу проблемот што голем број од општините не ги објавуваат ниту одлуките кои ги носат Советите на општините, одлуките кои ги носат градоначалниците, записниците од седниците на Советите на општините, Статутот на општините… во ЗЕЛС посочуваат дека одлуките кои се донесуваат на Советите, општините ги објавуваат во  Службените гласници, и речиси секоја општина ги има објавено на нивната веб страница.

„Ќе се сложиме само дека можеби  е помал бројот на општините кои ја практикуваат „активната транспарентност“’ односно  „повидливо“ да ги презентираат  донесените одлуки. При тоа,  мораме да имаме во предвид дека  има општини кои дел од информациите  ги поставуваат на посебни соодветни табли, поставени во самата општинска зграда или во месните заедници, или го споделуваат на собири на граѓаните и слично. Ова е особено изразено кај помалите општини“, велат од ЗЕЛС.

На нашето прашање кои се причините за недоволната транспаретност на општините и дали проблемот лежи во слабите човечки капацитети на локалната самоуправа или пак во неволност за отворено работење од ЗЕЛС велат дека транспарентноста на општината не  може да се „ определи“ само преку  податоците изнесени на нејзината веб-страница, бидејќи постојат низа други форми на транспарентно работење.

„Ќе се согласиме дека општините можеби треба да бараат нови начини за доближување  до граѓаните за нивно поактивно вклучување во донесувањето на одлуки  од локално значење. Точно е дека  помалите општини се соочуваат со недостаток на одредени  кадри, како што се од областа на ИКТ. Исто така, поради недостаток на финансиски средства многу услуги од повеќе надлежности на локалната власт покрива само едно лице од општинската администрација. Тоа се сериозни предизвици за  локалната власт и затоа нема да се сложиме дека станува збор за неволност за отворено  работење“, велат од ЗЕЛС.