Главниот кризен штаб предлага наставата да се одвива со физичко присуство

Фото: Taylor Wilcox on Unsplash

На предлог на Министерството за образование и наука, на денешниот состанок на Главниот координативен кризен штаб на Владата на Република Северна Македонија (ГККШ), кој го водеше премиерот Заев беше оценето дека се создадени услови почетокот на новата школска година да биде со физичко присуство на учениците, освен за одделни исклучоци, кои ќе бидат стриктно наведени во Одлука која ќе биде донесена на наредната Владина седница, соопшти Службата за информирање на Владата.

Предлозите што ќе бидат разгледани на утрешната Владина седница, се донесене почитувајќи ги препораките на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, се вели во соопштението.

Министерот за здравство Венко Филипче информирал за состојбата со слободни места во болниците во Тетово и Гостивар, додавајќи дека се подготвени системски планови за формирање дополнителни лекарски тимови во модуларни болници и останати здравствени капацитети во Скопје. Министерот Филипче искажал задоволство од текот на вакцинацијата кај населението во државата, потенцирајќи дека интересот е зголемен особено по рестриктивните мерки, кои важат од денеска.

Во прилог на заклучокот за почеток на училишната година со физичко присуство, според членовите на ГККШ е големиот број на вакцинирани наставници и училиштен кадар (моментално 60 проценти се вакцинирани, а се очекува до септември зголемување до 80% вакцинирани од вкупниот број вработени во училиштата).Во оваа насока, се и протоколите, изработени од епидемоилози, кои веќе се донесени за настава со физичко присуство, а се однесуваат на носење маски и редовно проветрување на просториите каде се одржува наставата. На состанокот е заклучено дека и кај вработените во градинките и останатиот персонал продолжува вакцинацијата, а моменталниот процент е 60 проценти, соопшти владината Служба за информирање.

На состанокот на Кризниот штаб на Владата е донесен и предлогот на Владина седница да се разгледа потребата од донесување одлука, при влез и излез од Република Северна Македонија за сите граѓани, да мора да се приложи сертификат за вакцинација или потврда за прележан КОВИД-19 (но не подолг период од 45 дена од заразувањето) или негативен ПЦР тест.