Германски експерти: Вештачката интелигенција може да влезе во училиштата, но не прерано

Според проценката на научната комисија, ChatGPT и другите ботови не треба да се користат во основното училиште и во првите неколку години од средното образование

Фото: Philipp von Ditfurth/dpa

ChatGPT и другите алатки за вештачка интелигенција имаат голем потенцијал за употреба во училиштата, но со одговорност и со промоција на учењето, изјавија германски експерти во средата, пренесе германската новинска агенција ДПА.

Постојаната научна комисија на германската конференција на министри за образование, која ги обединува федералните и државните министри, препорача краткорочна преодна фаза за систематско тестирање на алатките за вештачка интелигенција.

„Вештачката интелигенција може и треба да го поддржи процесот на настава и учење, но конечната одлука или проценка и одговорност мора да биде на човекот“, нагласуваат експертите.

Затоа, наставниците мора да бидат квалификувани и курсевите за обука во оваа област мора брзо да се прошират.

Според проценката на комисијата, ChatGPT и другите ботови не треба да се користат во основното училиште и во првите неколку години од средното образование, бидејќи таквите алатки можат да бидат поддршка  само кога учениците ќе стекнат развиени технички и дигитални вештини, како и техники за пишување и читање.