Германската влада ќе формира Единица за рано откривање манипулации и кампањи од странство

Автократските држави создаваат лажна слика за своето влијание на интернет со фантомски сметки, фабрикуваат приказни со фотографии засновани на вештачка интелигенција и ја усовршуваат својата репутација преку веб-страниците на весниците, се вели во документот

-

Стотици илјади Германци загрижени за подемот на крајната десница излегоа на улиците во последните недели. Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер најави државни мерки против екстремистите.

Владата ќе формира „единица за рано откривање“ на манипулации и кампањи од странство, најави вчера Фезер, а пренесе германската новинска агенција ДПА.

Во пакетот против екстремизам има вкупно 13 мерки. Заедно со министерката, мерките ги презентираа Томас Халденванг, шеф на Канцеларијата за заштита на Уставот и Холгер Минх, претседател на државната криминалистичка полиција.

Најголем дел од проектите, пак, се веќе познати, а некои се усвоени.

Десничарските екстремисти сакаат да ја поткопаат довербата во стабилноста и способноста на државата да дејствува, според новиот документ. Екстремистите се стремат кон таа цел заедно со некои странски актери кои исто така наоѓаат интерес за слабеење на демократијата.

„Автократските држави создаваат лажна слика за своето влијание на интернет со фантомски сметки, фабрикуваат приказни со фотографии засновани на вештачка интелигенција и ја усовршуваат својата репутација преку веб-страниците на весниците“, се вели во документот.

Новата единица за рано откривање е со цел однапред да ги препознава ваквите кампањи.

„Сакаме да ги искористиме сите инструменти на владеењето на правото за да ја заштитиме нашата демократија“, вети министерката во соопштението за медиумите.

„Сакаме да ги разбиеме десничарските екстремистички мрежи, да им ги одземеме приходите и да им го одземеме оружјето“.

Министерството бара и промена на Уставот, за подобро да се заштити Сојузниот уставен суд од непријателите на демократијата.

Доаѓањето на екстремистите во Германија, како и нивното заминување, треба да се спречи што е можно повеќе, а да се олеснат истрагите за протокот на пари за десничарските мрежи, пренесува ДПА.

Локалната полиција и администрациите, како што се инспекциите за угостителски објекти, треба, врз основа на информациите од Канцеларијата за заштита на Уставот, да забранат собирање на екстремисти, доколку е тоа можно.

Гувернерката ги прими стипендистите од ЕФА: НБРСМ со поддршка за младите

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и главната економистка, Анета Крстевска ги примија стипендистите на Европскиот форум Алпбах (ЕФА) ‒ Александар Каратошо, Бесар Бекири, Ана Софеска...