Германија не ја враќа марката назад и не излегува од ЕУ

Според истражувањето на ЕУ, кое го објави Дојче Веле, еврото има широка поддршка, повеќе од 80 отсто од Германците и повеќе од 70 отсто од Европејците ја поддржуваат заедничката валута и покрај тоа што постои и низок евроскептицизам и копнеж за германската марка која повеќе се поврзува со носталгија

-

Во Германија марката не е официјална валута од 2002 година кога беше прифатено еврото. Нема никакви најави дека ќе се врати марката во употреба, ниту дека Германија ќе излезе од ЕУ. Ваквите гласини датираат уште од 2011 година, но никогаш не се остварија. Се работи само за шпекулации и подбуцнувачки наративи кои доаѓаат од одредени политички центри противници на Европската Унија, како што е германската крајно десничарска партија – АФД, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се наведува:

Една ексклузива. Германија се припрема за воведување на марката назад и излез од ЕУ ај честито.

Прашањата поставувани во Европскиот парламент, а кои се достапни јавно, откриваат дека ваквите гласини датираат уште од 2011 година, но никогаш не се остварија, односно секогаш останаа само шпекулации, гласини и подбуцнувачки наративи на одредени политички центри кои се противници на Европската Унија. Но, во конкретниот временски период кога е споделена објавата, актуелни со вакви наративи во светските медиуми се политичарите на АФД (германска крајно десничарска партија) за која ЕУ е „пропаднат проект”.

На 7 август 2023 година оваа партија (Алтернатива за Германија – АФД), ја нарече Европската Унија пропаднат проект и повика да биде реформирана како „Конфедерација на европски нации”. Тоа партијата го навела во својата изборна програма којашто беше усвоена на 6 август годинава.

Сметаме дека ЕУ не може да биде реформирана и ја гледаме како пропаднат проект. Затоа се залагаме за федерација на европски нации, европско економско општество и заедница на интереси кои допрва ќе се утврдат, во кои се зачувува суверенитетот на земјите членки, пишува во програмата, а извести Еуроактив.

Новата партиска програма е малку поблага од претходните позиции на оваа партија. Во нацрт верзијата на изборната програма во јуни партијата побара распад на ЕУ. За време на германските избори во 2021 година, исто така, оваа партија се залагаше Германија да ја напушти ЕУ.

Сепак, за да им се допаднат на повеќе гласачи, водачите на партијата Тино Чрупала и Алис Видел сега туркаат поблаг наратив кон ЕУ. Финалната верзија од програмата е компромис, иако има порадикално крило на АФД кое уште турка Германија да го напушти ЕУ блокот веднаш, пишува Еуроактив.

АФД, исто така, неодамна почна да соработува со други крајно десничарски партии. Оваа политичка опција, поточно нејзината изборна програма наиде на остри реакции од Европската граѓанска партија, која ја нарече објава на војна против ЕУ. Програмата е спротивна на сето она за кое се имаат борено претходните генерации, изјавија оттаму.

Што се однесува на делот од објавата каде се вели дека Германија се спрема да ја врати назад марката како валута, такви најави нема. Во Германија марката не е официјална валута од 2002 година кога беше прифатено еврото.

Според истражувањето на ЕУ, кое го објави Дојче Веле, еврото има широка поддршка, повеќе од 80 отсто од Германците и повеќе од 70 отсто од Европејците ја поддржуваат заедничката валута и покрај тоа што постои и низок евроскептицизам и копнеж за германската марка која повеќе се поврзува со носталгија.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

Путин не е цар на православието и не придонел за постоењето на Македонија

Објава на Фејсбук му го честита 72-от роденден на рускиот претседател Путин, тврдејќи дека без него дури не би постоела Македонија, па дури ни православието, чиј лидер или цар...