Фронт 21/42: Управувањето со светското наследство во Охридскиот регион е јасен показател за невладеење на правото

Извор: Скриншот од видео објавено од Катерина Слатинова на Фејсбук: https://www.facebook.com/katerina.slatinova/videos/5388581504517013

Еколошката организација Фронт 21/42 реагира дека се прекршени законите од страна на надлежните институции во врска со организираната јавна презентација и расправа по Нацрт-извештајот за стратегиска оцена на влијанието на животната средина за Урбанистички план вон населено место – Горица Север, за план кој ќе биде достапен на јавноста во период од 5 април до 5 мај, а јавната презентација и јавната расправа се закажани на 23 април.

„Ова е типичен пример на прекршување на законите од страна на надлежните, на начин кој создава илузија дека постапуваат во согласност со правото. Објавата за неупатените делува како пример на партиципативна демократија – општината и дава можност на јавноста да го каже своето мислење за влијанието на новиот урбанистички план во процесот на негово усвојување. Во реалноста, општината го објавува само Нацрт-извештајот за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина за урбанистичкиот план, но не и самиот урбанистички план – јавноста нема можност да процени дали Нацрт-извештајот навистина точно и целосно го проценува влијанието на планот, да постави соодветни прашања за овие влијанија до надлежните органи, ниту да достави квалитетни коментари базирани на целосно и точно информирање“ велат од Фронт 21/42.

Оттаму дополнуваат дека со ваквата постапка општина Охрид го крши Законот за животна средина (член 69, став 1), Уредбата за учество на јавноста во изработката на прописи (итн.) од областа на животната средина (член 6, став 1), европската Директива за стратешка оцена на животната средина (член 6, став 1 и став 2) и Архуската конвенција.

Според експертите, ова не е прв пат општина Охрид да спроведе процес на консултации со јавноста само со објава и јавна расправа за СОЖС Извештај, без објава на нацрт документот чие влијание се проценува.

„Истата формула беше применета за урбанистичкиот план за Туристичкиот комплекс Горица во 2018 година; истата година (2018) за планот за мини индустриска зона во Лескоец; планот за урбанизација на с. Коњско (август 2020) е уште еден пример; итн. За сите овие (и други) планови кои овозможуваат дополнителна урбанизација на веќе уништеното светско наследство, општината наводно ја вклучила јавноста во процесите за нивно усвојување, без да и дозволи пристап до самите планови. Ниту еден од споменатите урбанистички планови се уште не e објавен“ децидни се од Фронт 21/42.

Меѓу другото, тие напоменуваат дека со новиот урбанистички план за Горица Север се овозможува изградба на нови викенд куќи, хотели, мотели, хостели, големи угостителски објекти, итн. на површина од 11,62 хектари; како и сообраќајни коридори на површина од 3,98 хектари. Ова пак е во директна спротивност на препораката бр. 6, со која уште во 2017 година УНЕСКО побара итно стопирање на секаква урбана и крајбрежна трансформација, барем додека не се усвојат сите релевантни документи и прописи и не се обезбеди ефективно спроведување на законите.

„Управувањето со светското наследство во Охридскиот регион продолжува да биде многу јасен показател за невладеење на правото во нашата држава. Она што ни падна во очи од првичното, општо прегледување на објавениот Нацрт-извештај за СОЖС на новиот урбанистички план е дека изготвувачот пропуштил да го земе предвид токму Законот за управување со светското наследство во Охридскиот регион. Препораките и одлуките на УНЕСКО, исто така не се ни споменуваат во текстот на документот кој го оценува влијанието на новиот урбанистички план за светското наследство“.

Фронт 21/42 ја потсетува централната и локалната власт дека со секоја одлука спротивна на препораките свесно придонесуваат кон доуништување на бесценето уникатно богатство за кое имаат одговорност кон целиот свет и сите идни генерации.