fbpx

Фридом Хаус: Македонија со иста оценка како лани, во Западен Балкан владеат хибридни режими

-

Според најновиот извештај на невладината организација Фридом Хаус насловен „Држави во транзиција – од слабеење на демократијата до авторитарна агресија“ во кој е анализирана состојбата со демократијата во 29 земји во транзиција, Северна Македонија останува во категоријата „хибриден режим“ со истата генерална оценка како лани од 3,82, на скалата од еден до седум, каде еден е најниско ниво на демократски прогрес, а седум највисоко.

Во Извештајот на Фридом Хаус се опфатени земјите од Централна и Источна Европа, како и земјите од поранешниот СССР. Во категоријата „хибриден режим“, влегуваат сите земји од Западниот Балкан, заедно со Унгарија како земја-членка на ЕУ, Украина, Молдавија, Грузија и Ерменија.

Во однос на различните индикатори, Северна Македoнија во овој извештај е рангирана со оценка од 3,5 за демократско владеење, 4,5 за изборен процес, 4,75 за граѓанско општество, 3,5 за независни медиуми, 3,25 за независно судство, додека 3,25 за корупција.

Просечната оценка на Македонија постојано паѓаше од 2012 до 2017 година, а во категоријата „хибриден режим“ од 2017 година до лани имаше раст, но забележително е што во 2021 година нема ново позитивно придвижување.

„Оваа година, за првпат во 21. век, форма на управување што преовладува во регионот на нации во транзиција е хибриден режим. Четири демократии паднаа во оваа сива зона откако непрекинатиот период на демократски пад започна во 2004 година: Унгарија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Во истиот период три авторитарни режими направија демократски чекори и се приклучија во редот на хибридни режими: Молдавија, Косово и сега Ерменија“, наведено е во извештајот.

Според Фридом Хаус, овие режими можат да бидат демократски во минимална смисла, односно да имаат редовни, конкурентни избори, но нивните нефункционални институции „не се во состојба да ги испорачаат дефинитивните компоненти на либералната демократија: проверка и баланс, владеење на правото и цврста заштита на правата и слободите на сите“.

„Фридом хаус“ исто така се осврнува и на можноста да се направи ревизија на процесот на пристапување во ЕУ, и оти „Блокот треба конечно да ги започне пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, притискајќи ја Бугарија да се откаже од приговорите“.

Извештајот оценува дека дефинитивно, ниту еден хибриден режим во регионот не успеа да ѝ пркоси на гравитацијата на сивата зона од 2002 година.

„Во овој период, Албанија, Северна Македонија и Србија флертуваа со либералната демократија, додека Ерменија и Молдавија издржаа авторитарни епизоди, но сите се вратија на хибриден режим до 2021 година“, пишува во извештајот во кој се споменува и поранешниот премиер Никола Груевски, за кого се вели дека ги отфрлил либералните норми со поткуп на гласачи, прислушување на противниците и пружање отпор против какви било механизми на транспарентност или одговорност.

Според извештајот, вкупно 11 држави се категоризирани како хибридни режими во „Нации во транзиција“.

Најдолу на листата се авторитарните режими, кои владеат со Русија, Белорусија, Казахстан, Азербејџан, Узбекистан, Киргистан, Туркменистан и Таџикистан.

Едно ниво над хибридните режими се наоѓаат полуконсолидираните демократии и тука влегуваат Полска, Романија, Бугарија и Хрватска.

За консолидирани демократии се сметаат Естонија, Летонија, Латвија, Чешка, Словачка и Словенија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...