Филмот „М“ на Вардан Tозија ќе го отвори Синедејс

„Муви најт“ е овогодинешниот слоган на филмскиот фестивал Синедејс кој ќе се оддржува во Скопје од 13 до 18 јули

Филмот „М“ на Вардан Тозија кој ја имаше својата премиера на Филмскиот фестивал во Кан, оваа година ќе го отвори фестивалот Синедејс кој се одржува во Скопје од 13 до 18 јули под слоганот „Муви најт“. Во филмот се работи за момче на осумгодишна возраст по име Марко кое живее во шума со неговиот татко, изолиран од надворешниот свет. Но, предводен од љубопитност, тој ја преминува границата. Глумци во филмот се Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Камка Тоциновска, Александар Ничовски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Тони Михајловски, Владимир Тулиев и Оливер Митковски.

Фестивалот дава шанса да се изгледаат преку 40 филмови во МКЦ, Кинотека и кино Фросина. Програмата е составена од филмови на режисери како Вим Вендерс, Франсоа Озон, Нани Морети, Аки Каурисмаки, Александар Сокуров, Горан Столевски како и 5 нови македонски кратки филмови.

Скопскиот бенд Културно-уметнички работници, Педро Кастиљо и белградскиот бенд Визељ се на музичката програма за фестивалот.

Билетите се по цена од 200 денари, а настанот е поддржан од Кинотека на Македонија, Скопска пивара, Публицис, Гете институт, ЕУ за ТЕБЕ, Неотел, Агенцијата за филм на РСМ и Град Скопје.