Косовскиот филм „Улиште“ на Блерта Башоли победник на годинешниов „Синедејс“

Филмот „Улиште“ на косовската режисерка Блерта Башоли е победник на 20-тото издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Тој ја освои наградата – победник во Официјалната селекција.

Овој филм ја раскажува приказната на жена чиј маж исчезнал во косовската војна, додека таа се обидува да основа мал бизнис за да обезбеди егзистенција на своите деца, борејќи се истовремено со патријархалното општество што ја опкружува. Инаку, за првпат во историјата на американскиот фестивал „Санденс“, филмот „Улиште“ успеа да ги освои трите главни награди на овој престижен фестивал.

Годинешниов „Синедејс“ наградата Златно сонце за најдобар филм во селекцијата на „СЕЕ програмата“ ја додели на филмот „Мир и хармонија“ од Несими Јетик.

За доделувањето на филмските награди на „Синедејс“ одлучуваше жири од три члена во состав: Славко Собин – актер, Зејнеп Атакан – продуцентка и Марисела Росети одговорна за Лукс награда.

Фестивалот на европски филм „Синедејс“ завршува денеска со промоцијата на кратки македонски филмови во Градскиот парк, како и филмската програма со два еко-филма која ќе се одржи на врвот на Водно.