Фестивалот „Синедејс“ преку meme кампања им се приближува на младите

Фестивалот на европски филм „Синедејс“ кој се одржува во Скопје од 7 до 15 ноември ја заснова својата промотивната кампања на користење на мемиња од интернет кои се блиски до младата публика.

Како дел од кампањата се направени постери и билборди кои ги користат широко познатите шаблони за „мимови“ или „мемиња“. (Не постои официјално усвоен македонски термин за англискиот збор „meme“ или во множина „memes“, кој во случајов се однесува на колажи со хумористични пораки).

Самата употреба на овој формат предизвикува позитивни реакции кај младите и децата од т.н. „Генерација Зед“ (GenZ) – луѓе родени по средината на деведесеттите кои растат со постојан пристап до новите дигитални технологии и за кои „мимовите“ според дадените „темплејти“ се дел од секојдневната комуникација.

Пораките од кампањата за „Синедејс“ се често иронични и на сметка на самиот фестивал и навиките на неговите редовните гости, како барањето гратиси или правењето распоред да се стигне на што повеќе проекции во текот на деновите на негово одржување.

Фестивалот „Синедејс“ (Cinedays.mk) го организира Младинскиот културен центар – МКЦ по осумнаесетти пат. Првото издание се одржа 2001 година како дел од иницијатива за воспоставување недела на славење на европската кинематографија во сите поголеми европски градови, по идеја на шпански режисер Педро Алмодовар и Вивиен Ридинг, тогашна комесарка на за едукација, култура, спорт, млади и медиуми во рамки на Европската Комисија. Во Скопје иницијативата фати корен и прерасна во редовен филмски фестивал и дел од локалната урбана култура.