Фестивал за промоција на феминистичката култура во кино „Фросина“ на 6 април

Tемата годинава е „Бев сама“ со цел да се нагласи изложеноста на насилство, погрешното лоцирање на вината и честото непостапување.

Фото: „Тииит!Инк.“

Во киното „Фросина“ (Младински културен центар – Скопје) на 6 април, со почеток во 20 часот, ќе се прикаже единаесеттото издание на единствениот фестивал за промоција на феминистичката култура и акција „Прво, па женско“ со „ПичПрич“, на тема „Бев сама“. Со ова се промовира женската усна историја, нормализирајќи ги женските искуства и преземајќи го јавниот простор, а е авторски концепт на Ана Василева и Румена Бужаровска.

„Како и секоја година, „ПичПрич“ се обидува да отвори простор за актуелните теми поврзани со положбата на жените во нашата земја и поширокиот регион, особено со оглед на неодамнешниот наплив на вести за кривични дела извршени врз жени во моменти кога поради сплет на околности се нашле сами со сторителот“, наведено е во соопштението од „Тииит!Инк.“

Темата годинава е „Бев сама“ со цел да се нагласи изложеноста на насилство, погрешното лоцирање на вината и честото непостапување.

Како што велат во „Тииит!Инк.“, темата претставува и коментар на недостатокот на системска поддршка со кој се соочуваат жените во исполнувањето на многубројните улоги во општеството – од најтрадиционалните (работа во домот, одгледување на деца и негување на стари лица, лица со попреченост), па сѐ до оние кои се сметаат за нетипични (раководни и политички функции, спорт итн.).

По настанот ќе има диџеј сет на Diah во бифето на „Фросина“. Билетите за настанот се достапни на билетарницата на МКЦ и онлајн, а изнесуваат 200 денари. Настанот е реализиран со поддршка од Шведската фондација „Квина тил Квина“.