Фекални и индустриски води загадиле канал за атмосферска вода во Гази Баба и Илинден

Фото: ДИЖС

Фекална канализација и отпадна вода од осум фирми завршувала во канал за атмосферска вода што минува низ Општините Гази Баба и Илинден. Државниот инспекторат за животна средина, заедно со локални инспектори реагирале на пријава на граѓани за непријатна миризба и обоена вода во каналот во селото Марино и откриле дека сета фекална вода, која се собира од домаќинствата непрочистена се влева во каналот. Во него се собирале и отпадните води од неколку индустриски капацитети, меѓу кои има и фабрики за производство на пластика, најлон и текстил, фарма, складиште за жито, бензинска пумпа и плинска станица.

Фото: ДИЖС

„Акцијата се спроведе по пријава од граѓанин кој снимил видео од мост преку каналот во село Марино, каде беше видливо обојување на каналот со бела боја. Детектирани се испусти од фекална канализација и од производни и комерцијални субјекти во отворениот дренажен канал што ги зафаќа атмосферските води од општините Гази Баба и Илинден во должина од 14 километри“, велат од Државниот инспекторат за животна средина.

Ваквите појави, информираат инспекторите, се случуваат речиси секоја година во летниот период, кога заради низок водостој на каналите и испуштање на непречистени отпадни води, се менува бојата на водата и се јавува непријатна миризба. Причината е испуштањето на непречистени отпадни води од селото Марино и потенцијално од уште осум компании кои гравитираат во тој регион. Заради тоа, Инспекторатот најавува дека во текот на оваа недела ќе спроведе координирани надзори во фирмите и ќе преземе мерки. Што се однесува до испуштањето на фекални води од домаќинствата, од ДИЖС информираат дека Општината работи на изградба на фекална канализација на која наскоро ќе се приклучат домаќинствата и правните субјекти со што ќе се реши проблемот со загадувањето на отворениот канал.