fbpx

ЕУ со нови инструменти во борбата против корупцијата

Се предвидуваат и многу обврски на државите членки да преземаат низа превентивни активности, да имаат посебно тело задолжено за борбата против корупцијата, да обезбедат доволно средства за надлежните органи и тела, како и обука, па дури и обврска за собирање и давање еднообразни статички податоци за корупцијата, пишува Малинка Ристевска - Јорданова

-

Борбата против корупцијата станува сѐ поактуелна тема во Европската Унија, секако „поттикната“ и од корупциските скандали, особено Катаргејт.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

На почетокот на мај Европската комисија и Високиот претставник за заедничка безбедносна и надворешна политика го објавија Заедничкото коминике за борбата против корупцијата. Коминикето е заедничко бидејќи се работи за политики и предлози кои се однесуваат на борбата за корупција внатре во Унијата (надлежност на Комисијата) и оние кои се однесуваат на борбата против корупцијата во надворешните односи (за кои надлежен е Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика).

Во аргументацијата за предлозите се дадени резултатите од специјалниот Евробарометар – истражување на јавното мислење на граѓаните, како и анкетата за ставовите на бизнисот за корупцијата, објавени во јули 2022 година. Речиси седум од десет Европејци (68%) веруваат дека корупцијата е широко распространета во нивната земја, а само 31% ги оценуваат напорите на нивната влада за борба против корупцијата како ефективни. Покрај тоа, повеќе од половина од компаниите со седиште во ЕУ (51%) сметаат дека е малку веројатно корумпираните луѓе или бизниси во нивната земја да бидат фатени или пријавени во полиција или обвинителство. Секако, ова е просек, разликите меѓу државите членки се големи.

Главните предложени мерки се:
-Предлог на Директива за борба против корупцијата;
-Предлози на Регулатива и на Одлука на Советот за рестриктивни мерки против сериозни дела на корупција.

Новата директива ќе ја консолидира европската рамка за борбата против корупцијата, заменувајќи ги досегашната Конвенција за борба против корупцијата во однос на службени лица и Рамковната одлука за борба против корупцијата во приватниот сектор.

Во постапка е и предлог Директива за поврат и одземање на имот.

Според објаснувањата на проценката на регулативата со која е проследена оваа директива, предложената опција ги транспонира одредбите на Конвенцијата на Обединетите нации за борба против корупцијата во акт на ЕУ, но во одредени аспекти ги надминува меѓународните обврски. Ова посебно се однесува на наметнувањето минимални нивоа за горната граница на казните.

Се предлага хармонизација на дефинициите, но и казните за повеќе дела поврзани со корупцијата. Покрај дефиниција на поткупот, се предлагаат и дефиниции за проневерата, трговијата со влијание, злоупотребата на службата, како и попречувањето на правдата и незаконското збогатување поврзано со корупциски дела. Се предлага и зголемување на казните и усогласување на отежнувачките и олеснителните околности, но и подолги рокови за застареност (8-15 години).

Се предвидуваат и многу обврски на државите членки да преземаат низа превентивни активности, да имаат посебно тело задолжено за борбата против корупцијата, да обезбедат доволно средства за надлежните органи и тела, како и обука, па дури и обврска за собирање и давање еднообразни статички податоци за корупцијата.

Државите членки ќе имаат и обврска да обезбедат соодветни истражни инструменти, како и ефективни постапки за симнување на имунитет.

Се планира создавање Мрежа на ЕУ против корупцијата, со претставници на владини и невладини субјекти. Меѓу нејзините задачи ќе биде да ги мапира ризичните области на корупција и да придонесе за креирање на Стратегија на ЕУ за борба против корупцијата.

-Регулативата и одлуката за рестриктивни мерки во борбата против корупцијата ќе ѝ овозможат на Унијата да усвои рестриктивни мерки кон трети земји кога делата на корупција сериозно влијаат или ризикуваат да влијаат на целите на Заедничката надворешна и безбедносна политика.

Во Коминикето посебно се нагласува дека “почитувањето на владеењето на правото и антикорупциските реформи во голема мера го одредуваат темпото на напредокот на земјите-кандидатки кон пристапувањето во ЕУ“. Во инструментите за следење, покрај годишниот извештај и оценувачките мисии, се споменува и нова е-платформа за систематско прибирање податоци за организиран криминал и корупција, по што ќе се оформи “контролна табла“, заснована на Главните индикатори на успехот (Key Performance Indicators).

Намерата е пакетот да се усвои до крајот на овој мандат на Комисијата – значи за една година, а државите членки ќе имаат две години да ги преточат во својот правен систем.

Формирањето на посебно хоризонтално тело во ЕУ за етика кои би ги покривало сите институции, какво што во своја Резолуција бараше Европскиот парламент, но и невладиниот сектор, не е дел од овие предлози. Претставниците на Комисијата ветија таков предлог до крајот на овој месец.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...