ЕУ чекор поблиску кон носење на еден од првите закони за вештачка интелигенција во светот

Носењето на законот ќе ги обврзе развивачите на четботови како ChatGPT да ги објават сите дела на научниците, музичарите, илустраторите, фотографите и новинарите користени при обучување на програмите

Европски парламент / Фото: Diliff, Wikimedia Commons

Европскиот парламент вчера гласаше за регулирање на употребата на системи за вештачка интелигенција (ВИ) во целиот блок. Гласањето го означува почетокот на процесот за усвојување на Законот за вештачка интелигенција на Европската Унија, прв од ваков вид на глобално ниво, пишува Дојче Веле на англиски јазик.

Предлог-законот е насочен кон заштита на основните граѓански права и заштита од заканите на ВИ по здравјето и безбедноста, истовремено поттикнувајќи ја иновативноста на технологијата.

Правилата се насочени кон поставување на глобален стандард за технологијата која опфаќа сè – од автоматизирани медицински дијагнози, преку некои типови на беспилотни летала, до видеа генерирани од вештачката интелигенција познати како „deepfake“ (дипфејк) и четботовите како ChatGPT.

Европратениците сега треба да ги допрецизираат деталите со сите земји-членки на ЕУ, пред таканаречениот Акт за вештачка интелигенција да премине во закон.

Како што пренесе „Гардијан“, не успеал бунтот на центро-десничарските пратеници во политичката групација на ЕПП кои се противеа на забраната за препознавање на лица во реално време низ улиците на Европа. Носењето на законот би значело целосна забрана за полициска употреба на технологијата за препознавање лица на јавни места.

Сепак, се очекува дека европските лидери ќе ја повлечат целосната забрана за биометрија, поради тоа што полициските сили ширум континентот сакат да го искористат потенцијалот на оваа технологија и да ги препознаваат криминалците додека се движат по улица или на јавни површини. ЕПП тврдеше дека технологијата може да биде од витално значење во борбата против криминалот и во разузнавањето против тероризмот, како и во потрагата по исчезнати деца.

Конечното гласање за нацрт-законот бил 499 за, 28 против и 93 воздржани.

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, носењето на нацрт-законот го опиша како „легислатива што без сомнение ќе го постави глобалниот стандард во годините што доаѓаат“. Таа рече дека ЕУ сега има можност да го постави трендот во светот и дека започнала нова ера на контрола.

Во однос на борбата против прекршувањето на авторски права, законодавството ќе ги обврзе развивачите на четботови како ChatGPT да ги објават сите дела на научниците, музичарите, илустраторите, фотографите и новинарите, користени при обучување на програмите. Покрај ова, развивачите ќе треба да докажат дека сè што направиле при обуката на машините е во согласност со законот.

Доколку не го сторат тоа, би можеле да бидат принудени веднаш да ги избришат четботовите или да бидат казнети со до 7 отсто од нивниот приход, што за големите технолошки компании може да достигне стотици милиони евра, пишува „Гардијан“.

Дури и да се оствари амбициозната цел на ЕУ да се постигне договор за законот до крајот на годината, тој нема да стапи на сила пред 2026 година, принудувајќи го блокот да се заложи за доброволен привремен договор со технолошките компании.