ЕСМ Снабдување со топлина до 31 август нуди можност за бесплатно приклучување на системот за централно греење на исклучените потрошувачи, информираат од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ). Целта на акцијата е да им се овозможи на што поголем број потрошувачи да ги користат придобивките на системот за централно греење.
„Акцијата за приклучување се спроведува по принципот „прв пријавен, прв услужен“, а важи за сите заинтересираните корисници кои имаат техничка можност, но не се приклучени на системот за топлинска енергија. Поволностите од акцијата за бесплатно приклучување важат само во објектите кои се приклучени на централниот систем за греење и каде има техничка можност за приклучување на станот или деловниот простор“, стои во соопштението на АД ЕСМ.
За да ја искористат можноста за бесплатно приклучување, заинтересираните потрошувачи ќе треба најдоцна до 31 август да поднесат писмено барање за приклучување во некој од пунктовите за потрошувачи на ЕСМ Снабдување со топлина.
Од ЕСМ известуваат дека по завршување на акцијата, односно од 1 септември 2023 година, приклучувањето ќе се наплаќа во целост согласно важечкиот ценовник.
За да се информираат за постапката за приклучување, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02/3076-200 и 075/400-100.