„Еко Свест“ и МЕД бараат Владата да ги раскине сите концесии за мали хидроцентрали на Шар Планина

Село Бозовце, Шар Планина | Фото: Мета.мк

Владата да ги прекине сите постапки за доделување концесии за мали хидроелектрани и да ги раскине договорите за доделени концесии за мали хидроелектрани чија изградба сè уште не е започната на територијата на Шар Планина, бараат граѓанските организации „Еко Свест“ и Македонско еколошко друштво (МЕД).

Во писмо, упатено до Владата и премиерот Зоран Заев, граѓанските активисти посочуваат дека малите хидроцентрали придонесуваат во националниот енергетски систем со околу 4,6 отсто од вкупното производство на електрична енергија и годишно се субвенционирани со над 13 милиони евра, а од друга страна предизвикуваат непроценлива штета на биодиверзитетот. Заради то,а бараат што побрзо да се финализира процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк, како и да се укинеат субвенциите за електрична енергија произведена од мали хидроелектрични централи.

Активистите препорачуваат да се поништат концесиите за малите хидроелектрани Беловишка, Вратничка, Љуботенска и Пена, како и како што препорачува Студијата за валоризација на вредностите на Шар Планина да се прекине постапката и да не се склучат договори и за хидроелектраните Лешочка 100 и 101, Боговињска, Јеловјанска и Маздрача.

„Со итно раскинување на четирите доделени концесии, како и со прекинување на постапката за петте концесии од минатогодишниот тендер, Владата ќе демонстрира посветеност на процесот за заштита на Шар Планина и ќе отвори простор тој да се забрза“, се вели во писмото на невладините организации.

Тие посочуваат дека причината за порастот на изградени мали хидроцентрали е нивното субвенционирање од страна на државата, а доколку овие проекти не беа финансиски поддржани, ќе се изградеа само оние најпрофитабилните, во број значително помал од сегашниот.

„Не смееме да заборавиме дека водата се користи по одредена хиерархија- прво како вода за пиење, наводнување и хигиена, а дури потоа како извор на енергија и други намени. Бележиме и примери каде поради изградбата на мали хидроелектрани секнува водата за пиење и наводнување на населението кое живее во нивна близина. Така, дел од селата под Шар Планина, како Теарце, Доброште и други, се принудени да користат вода за пиење од шише заради намалениот квалитет на водата за пиење по изградбата на малите хидроелектрани. Имено, и Државниот инспекторат за животна средина неодамна при увид на градежните работи на МХЕЦ Лешница откри дека каптажата за водоснабдување на градот Тетово е целосно незаштитена и дека присуството на градежна механизација може да ја загади водата за пиење во градот и околината. Сметаме дека оваа пракса не смее да продолжи“, посочуваат „Еко свест“ и МЕД.

Поради зафатите на речните корита, честопати реките и крајречната вегетација и живеалишта, како и сиот див свет во нив претрпуваат огромни штети и се под постојан ризик од изумирање. Изградбата на мали хидроцентрали и нивните пристапни патишта создаваат појави на ерозија и лизгање на земјиштето што прави неповратна штета на уникатните релјефни структури во клисурите, а претставува и голем ризик во време на обилни дождови и поплави. Со изградбата на пристапни патишта до најскриените делови од планините и шумите, се овозможува криволов, дива сеча, вознемирување на дивиот свет и изградба на цврсти објекти во подрачја што одамна се планирани за заштита.

„Во тек е прогласувањето на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата национален парк. За жал, ова заштитено подрачје е под закана од постојните и идните планирани проекти за мали хидроелектрани. Согласно Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN), заштитените подрачја од втора категорија- национален парк, не се место за градба на инфраструктурни проекти, како хидроцентрали. Направената штета на екосистемите од малите хидроелектрани што се изградени или во изградба е очигледна и веќе се рефлектира во предложеното зонирање на идниот национален парк каде што се присутни заштитни појаси околу нив и пресекување на зоните што би требало да имаат високи природни вредности. Со продолжување на изградбата и на функционирањето на овие проекти, заштитеното подрачје ќе биде под постојан притисок и штета, бидејќи самите проекти се во спротивност со целите на заштита и управување на паркот. Прогласувањето на Шар Планина за национален парк го сметаме за еден од најважните приоритети во насока на зачувување на исклучително богатата природа на земјата и даваме целосна поддршка на овој процес и неговото што побрзо финализирање“, пишуваат граѓанските активисти.

Од Министерството за животна средина, пак денеска информираа дека, по истекувањето на рокот за писмени и усни забелешки по Нацрт Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, започнале со анализа на коментарите од јавноста, а ќе следува и нова серија на директни средби со засегнатите страни заради ревизија и усогласување на предлогот.

„Заеднички е ставот дека е неопходно дополнително информирање на населението за тоа што ќе значи за нив прогласувањето на Шара за национален парк и можностите за социоекономски развој, подобрување на инфраструктурата – водоснабдување, комунални услуги, патна инфраструктура, можностите за развој на локалната економија преку развој на туризмот и туристичките услуги, но и можностите што се отвараат за користење на меѓународни фондови. За таа цел, експертскиот тим и високите претставници на министерството ќе ја продолжат директната комуникација со локалните заедници се до финализирањето на усогласениот предлог Закон за прогласување на Шар планина за национален парк“, информираат од Министерството.