Еко мода и реупотреба на облека во фокус на јубилејното издание на „Прво па женско“

Фото: Фестивал за феминистичка култура и акција „Прво па женско“

Како дел од Зелената програма на јубилејното 10 издание на фестивалот „Прво па женско“, на 31 август во паркот на Младинскиот културен центар ќе се одржат предавање, работилница и активности кои ја промовираат одржливата еко мода и реупотребата на облека.

„Во последно време сè повеќе јавно се проблематизира модната хиперпродукција, неетичките услови за работа на текстилните работници и загадувачкиот ефект по животната средина предизвикан од производството на текстил. Кој ја прави нашата облека, како и од што? – се прашањата чии одговори треба да предизвикаат бурна феминистичка модна револуција!“, се вели во најавата од фестивалот од каде додаваат дека токму овие прашања ја иницираат предвидената дебата во склоп на Зелената агенда.

Првото предавање „Зошто е модата феминистичко прашање?“ ќе се одржи во 18:00 часот, а истото ќе го води новинарката Александра Спасеска. Понатаму, Спасеска и Борјан Исјаловски ќе ја одржат работилницата на тема „Како да изградите одржлива капсулна гардероба?“.

Сите кои сакаат да земат учество на работилницата може да се пријават со пополнување на овој формулар.

Од организацијата информираат дека на настанот ќе има простор каде ќе се разменува облека каде можат да се донесат постари парчиња облека или оние кои не се употребуваат и ќе можат да се заменат со други.

„Во склоп на овој дел од програмата на фестивалот, исто така, се охрабрува публиката да донесе една памучна маица за Партизанска штампа да ги освежи со боите на ППЖ10, во склоп на Реупотреби со Партизанска штампа“, стои во соопштението.

Во духот на главното мото на фестивалот што оваа година потсетува и на родовиот јаз присутен на музичката сцена, истиот ден во 21:00 часот на МКЦ Плато ќе се одржи концерт на Јоана Ристеска, Марија Каева, Сара Ренар и Теа Шалдева/Galatheia.