Женски кантавторки во фокус на јубилејното издание на „Прво па женско“

фото: Фестивал за феминистичка култура и акција „Прво па женско“

По повод јубилејното издание на фестивалот „Прво па женско“, на 31 август во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи концерт во чиј фокус се жени кантавторки – Јоана Ристеска, Марија Каева, Сара Ренар и Теа Шалдева/Galatheia.

Ристеска е соло-артистка и инструменталистка од Скопје, која изведува и компонира музика за акустична и електрична гитара и со аналогни техники ја истражува можноста за експанзија на гитарскиот звук кон слоевит, оркеатарски контекст.

Каева е вокална солистка, музичарка и текстописец, која низ долг период од 20 години спорадично ја збогатува македонската поп архива.

Музичкиот стил на Сара Ренар од Загреб најсоодветно се опишува како експериментално-инди-поп мешање на мелодии со електронски и театрални елементи, додека Шалдева е добро позната скопска стотројкашка на која музиката ѝ е единствена постојана страст која ја води на патот до сеопфатно дејстување во тој свет, велат од Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“.

Фестивалот оваа година потсетува на родовиот јаз на музичката сцена, но пред сè ѝ дава можност на публиката да чуе меланхолични мелодии на емотивниот и политичкиот разум кои ранливо се принесуваат до потсвеста на слушателите.