Утре на Школка се организира прв саем на социјални претпријатија кои нудат еко услуги/производи

Фото: Гоу Грин

Утре од 11 до 16 часот на Школка во Градски парк во Скопје ќе се одржи првиот саем за социјални претпријатија кои нудат услуги и/или производи за намалување, реупотреба, селектирање и рециклирање отпад во организација на Биди Зелен  Bëhu i gjelbër – REduce, REuse, REcycle.

„Потребата за организирање на ваков тип на настани е исклучително важна поради нискиот процент на селектирање на отпадот кај нас, а големите количини на отпад во депониите. Од друга страна пак, дел од овој проблем го решаваат социјални претпријатија кои нудат решенија преку услуги и/или производи кои ја јакнат циркуларната економија и ја подобруваат заедницата, па во таа насока сакаме да ги промовираме и поддржиме“, вели Борче Кузмановски, програмски координатор од Здружението Гоу Грин Скопје.

Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со:

– REDI Recycling – услуга за селекција на пластика и хартија во станбени згради

– МаМаОргана – природни ѓубрива, подобрувачи на почва, еко песок за миленици

– О-Круг // O-Krug – природни освежувачи на воздухот и есенцијални масла од кора од портокал

– SIEC Macedonia – upcycled облека

– 2ndcycle__ – upcycled ламби

Дополнително, на овој настан ќе има работилници за мали и за големи, музика и магионичарско шоу со еко трикови Кристијан Шопов. Тука ќе бидат изложени и екоиновациите на Гоу Грин – велосипедите кои произведуваат електрична енергија како и мобилната станица за селекција на отпад.

Овој настан е организиран во рамки на програмата RECONOMY на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида), имплементирана од Helvetas, и со локална поддршка од Градот Скопје.