Климатските промени бараат итна акција и одговор од институциите, апелираат екологистите

Граѓаните треба постојано да бараат од институциите да преземат акции, бидејќи ги имаат сите потребни документи, но не делуваат

Фото: Гоу Грин

Македонија е една од петте најзагрозени земји од климатските промени, а граѓаните треба постојано да бараат од институциите да преземат акции, бидејќи ги имаат сите потребни документи, но не делуваат, беше истакнато денеска на настанот „Бараме климатска акција сега!“, што во организација на Гоу грин се одржа во Градскиот парк во Скопје. Екологистите испратија порака за подигнување на јавната свест за климатските промени и превенција од негативните влијанија врз нашата држава.

Претседателот на Гоу Грин Блаже Јосифовски, побара новата влада итно да го донесе законот за климатска акција и сет мерки што ќе овозможат да се намали негативното влијание на климатските промени и да се направи адаптација на земјата.

„Имаме закони од сите сфери, за управување со отпад, со води, и многу е важно мерките да бидат сеопфатни, со мерки за сите сектори, бидејќи веруваме дека на тој начин ќе се намали отпадот, ќе се намалат загубите на храна, ќе се направи одржливо нашето земјоделство, а со тоа цените на храната нема да се зголемуваат како досега“, рече Јосифовски и информира дека државата има и 30 отсто намалување во извозот на земјоделски производи.

Советникот во Општина Центар од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, Јане Димески, смета дека за климатските промени малку се зборува. Вели дека голем дел од мерките предвидени во националните извештаи за клима не се спроведени, а темата се уште не е издигната на ниво на национална политика.

Климатските промени ќе го допрат секој дел од нашето секојдневие. Тешко дека целосно ќе ги спречиме, но можеме да ги смениме нашите навики и да ги ублажиме, вели Димески.