Промоција на книгата за творештвото на босанската уметница Камериќ на фестивалот КРИК

Промоцијата на „Mother is a bitch/Мајката е кучка“ ќе се одржи во понеделник во Музејот на современа уметност – Скопје со почеток во 19 часот и 30 минути

фото: КРИК - фестивал за критичка култура

Програмата на осмото издание на КРИК – фестивалот за критичка култура во организација на Контрапункт продолжува со промоција на книгата за творештвото на познатата босанска уметница Шејла Камериќ.

Од фестивалот велат дека по минатогодишната изложба на Камериќ „Доаѓаме со поклон“, која КРИК и фестивалот „Прво па женско“ заеднички ја организираа во Националната галерија – Чифе Амам, оваа година ќе биде промовирана уметничката книга „Mother is a bitch/Мајката е кучка“ во авторство на Шејла Камериќ и пријателите, бидејќи за Камериќ најважно е плетењето на пријателските мрежи и наративи кои создаваат амбиент на закрила и заемна поддршка.

Промоцијата ќе се одржи во понеделник во Музејот на современа уметност – Скопје со почеток во 19 часот и 30 минути и со разговор помеѓу уметницата Камериќ, уредничката на книгата Жива Клајндинст, како и авторките Јасмина Тумбас и Милица Радуловиќ.

Воведничарка и модераторка на разговорот ќе биде Јованка Попова.

Шејла Камериќ живее и работи во Берлин, Истра и во Сараево. Студирала на Уметничката академија во босанскиот главен град. Се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни. Камериќ се фокусира на политиката на сеќавањето, облиците на отпор и на особеностите со кои резултира борбата на жените.