Египетската влада го отфрли извештајот на „Хјуман рајтс воч“(ХРВ) за масовното кршење на човековите права и го окарактеризира како неточен и политизиран.
Меѓународната организација за човекови права „Хјуман рајтс воч“ со седиште во Њујорк, во понеделникот, по повод првата годишнина од владеењето на претседателот Абдел Фатах ал-Сиси, оцени дека е зголемено насилството на безбедносните сили и оти западните земји тоа го игнорираат.
Египетските власти затворија неколку илјади припадници на Муслиманско братство, по соборувањето на нивниот лидер и претседател на државата, Мохамед Морси, на 30 јуни 2013 година. Во исто време, безбедносните сили убија неколку стотици членови на партијата.