Видео од 2013 година од болница во Египет, претставено дека е од болницата Ал Шифа во Газа

За конкретниот настан од 2013 година, а кој е презентиран и на видеото од објавата што ја рецензираме, групи за човекови права бараа одговорност за смртта на стотици граѓани на Египет кои беа убиени за само еден ден, кога египетските безбедносни сили разбија протест кој беше насочен против отповикувањето на првиот демократски избран претседател на Египет

Фото: Исечок од видеото во рецензираниот Фејсбук пост

Видеоматеријалот што се споделува на Фејсбук не е направен сега – ноември 2023 година, во болницата во Газа, туку е снимен пред 10 години во болница во Каиро. Видеоматеријалот е погрешно означен поради што во објавата се пропушта контекстот, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува напис со видеоматеријал и пишува:

(Видео) Прва снимка од болницата Ал Шифа во Газа.

Во склоп на написот пишува дека „на социјалните мрежи се споделуваат видеа на кои се гледа внатрешноста на болницата Ал Шифа и израелските сили внатре“.

Израелската армија објави дека влегла во комплексот Ал Шифа, најголемата болница во Газа, повикувајќи ги милитантите на Хамас да се предадат, пишува во текстот.

Меѓутоа, видеото кое се споделува во склоп на написот и кое се најавува во насловот, не е од 2023 година од болницата Ал Шифа.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Ројтерс на видеото на кое се гледа хаос и на кое се слушаат истрели од огнено оружје е од август 2013 година, од болницата Раба Ал Адавија во Каиро Египет, а не сегашно (ноември 2023) од болницата Ал Шифа во Газа .

Видеото е презентирано на погрешен начин и циркулира на социјалните мрежи откако израелските трупи влегоа во болницата Ал Шифа на 15 ноември, по неколкудневна опсада. Израелските сили велат дека болницата покрива тунели кои ги користи исламистичката група Хамас, тврдење кое како што извести Ројтерс, е негирано од страна на Хамас.

Доказ дека видеото потекнува од 2013 година е фактот што е објавено на социјалната мрежа Јутјуб од страна на египетскиот медиум Рассд Њуз Нетворк (RNN), во средината на август 2013 година и презентира пукање внатре во Раба болницата. Египетското знаме може да се види на 30-тата секунда од видеото објавено на следниот линк.

Фотографии од медицинскиот центар исто така беа објавени од страна на Атлантик и Вашингтон пост кои го покриваа настанот на 14 август 2013 година.

Египетските сили тогаш извршија упади во болницата за да разбијат протести кои го поддржуваа отповиканиот претседател Мохамед Мурси.

За конкретниот настан од 2013 година, а кој е презентиран и на видеото од објавата што ја рецензираме, групи за човекови права бараа одговорност за смртта на стотици граѓани на Египет кои беа убиени за само еден ден, кога египетските безбедносни сили разбија протест кој беше насочен против отповикувањето на првиот демократски избран претседател на Египет.

Тие тврдат дека повеќе од 800 луѓе беа убиени кога безбедносните сили влегоа во Раба ал Адавија, каде протестирачите кампуваа со недели. Стотици од обвинетите за учество во овие протести беа осудени во 2018 година во масовно судење, каде многумина добија смртни казни или долги затворски казни.

Како што објави Њујорк Тајмс, израелските трупи во четвртокот влегоа во најголемата болница во Газа барајќи тунели креирани од Хамас под болницата, дури и откако Израел се соочи со зголемен притисок од Западот да ги одбегне цивилните жртви и да го намали страдањето на населението во Газа.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот. Видеоматеријалот не е од 2023 година од болницата Ал Шифа во Газа, туку од 2013 година, во Каиро, Египет.

hubmk