fbpx

Една недела пред изборите во Германија: социјалдемократите во водство, крај на “ерата” на Меркел?

-

Со незапамтена изборна трка се соочува Германија пред претстојните парламентарни избори што треба да се одржат на 26 септември. На една недела пред изборите, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и нејзиниот кандидат за канцелар Олаф Шолц се во водство со 6 проценти пред демохристијанската алијанса на ЦДУ/ЦСУ и нејзиниот кандидат Армин Лашет.

Крајот на “ерата” на Ангела Меркел беше одамна познато дека ќе се случи по одржувањето на парламентарните избори, но големото прашање пред кое се соочува Германија е кој правец да го фати. Кон крајот на април и почетокот на мај, партијата на Зелените постана најсилна политичка партија во Германија на анкетите, оставајќи ги зад себе ЦДУ/ЦСУ и СДП.

По ваквото изненадувачко водство на Зелените, демохристијаните успеаја да го повратат водството на предизборните анкети сè до крајот на август. Иако на месеци пред изборите беа отпишани од јавноста со забетонираната трета позиција на анкетите, социјалдемократите за кандидат за канцелар го избраа Олаф Шолц, актуелен министер за финансии и вицепремиер во коалиционата влада на Ангела Меркел.

По повеќе од еден месец од неговата номинација, последната анкета на „Ипсос“ спроведена меѓу 15 и 16 септември покажува дека Социјалдемократската партија на Германија е во водство со 27 отсто поддршка од гласачите, пред демохристијанската алијанса ЦДУ/ЦСУ која има 21 отсто поддршка. Зелените на оваа анкета имаат поддршка од 18 отсто од граѓаните, по што следува АфД со 11 отсто, либералната ФДП со 10 отсто и левичарската Линке за која би гласале 7 отсто од гласачите.

Изненадувачките промени во размислувањата на германските гласачи се слични на предвидувањата што ги изнесува истражувањето на Европскиот совет за меѓународни односи, пренесува „Гардијан“. Во “ерата” на Меркел беше изградена силна и стабилна Германија која умешно се справуваше со статус-квото на европскиот континент, но денес Европа се соочува со предизвици – пандемијата на ковид-19, климатските промени и геополитичката конкуренција во светот, кои бараат радикални решенија, а не козметички промени, вели истражувањето што го цитира „Гардијан“.

Српскиот весник „Данас“ анализира дека случајот на Германија покажува дека е тешко да се пронајде кандидат којшто може да замени голем и долготраен лидер на една земја, како што тоа беше случајот со Меркел. За водството на социјалдемократот Шолц, „Данас“ го опишува него како “промена низ континуитет”, тој би бил сурогат на Ангела Меркел, но и поразличен од неа.

Изборите во Германија се очекува да ги одлучат граѓаните, коишто не одлучиле за кого ќе гласаат на 26 септември. Доколку победат социјалдемократите, тогаш тие ќе ја имаат можноста да бираат со кого би ја формирале новата влада. Покрај Зелените како најблиска опција, очекувањата се и идната германска влада да претставува коалиција од три политички партии, но кој сè би можел да влезе во неа ќе се знае по коалициските преговори што допрва ќе следат по денот на изборите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...