Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) продолжува со поддршката од Програмата за конкурентност на МСП во Северна Македонија обезбедувајќи кредит во износ од еден милион евра за Шпаркасе Лизинг доо Скопје, за натамошно кредитирање на малите и средни претпријатија (МСП).

„МСП ќе можат да аплицираат за средства наменети за инвестирање во сопствена надградба, во насока на достигнување на ЕУ стандардите, квалитет на производите и безбедност, здравје и безбедност и енергетска ефикасност. Тука се вклучени инвестиции во технологија, опрема, возила, итн. Се очекува најмалку 60 проценти од инвестициите да бидат во зелени технологии и енергетска ефикасност. По успешното завршување на инвестицијата, МСП ќе можат да се квалификуваат добијат  поврат на средствата, т.е. грант во износ од 15 проценти од вкупната сума на кредитот,“ се вели во соопштението.

Оваа поддршка е обезбедена од Европската Унија. Кредитот е дел од Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП  на Западен Балкан, преку која ЕБОР обезбедува кредитирање а Европската Унија која обезбедува техничка помош и грант. Целата е да им се помогне на МСП во модернизација на активностите и да се искористат можностите за зголемување на трговијата со Западен Балкан и поширокиот европски пазар.

Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР за Северна Македонија изјави дека малите и средни претпријатија се основа на економијата во Северна Македонија и беа особено погодени со оваа криза.

„Кредитната линија ќе им овозможи да инвестираат во конкурентноста и да ја зајакнат отпорноста, што ќе им помогне да се истакнат на локалниот пазар, но и ќе ги зголеми шансите за извоз во земјите на ЕУ,” додаде Аранитаси.

Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека пристапот до финансирање е основа за развој на било кои МСП.

„Поддршката која што ја обезбедуваме дава можност за подобрување на деловните активности во однос на подобрување на вмрежувањето и подобрување на работењето. Ќе помогнеме во инвестирање во дигитална надградба и ќе користиме ресурси на поодржлив начин, зголемувајќи го еколошкото работење и натамошното подобрување на конкурентноста,“ додаде Гир.

ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над 2,14 милијарди евра преку 143 проекти во земјата. Банката се фокусира на проширување на локалниот приватен сектор, промовирање на регионалната и меѓународната интеграција и одржливо користење на ресурсите во земјата.