Дванаесетмина уапсени во полициската акција, Обвинителството почнало истрага

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција почнало истрага против 12 осомничени, приведени во полициската акција што ноќва и утринава беше спроведена во повеќе градови во земјава, соопшти Јавното обвинителство.

Еден од осомничените во акцијата е судија на висока позиција во Основниот суд Куманово, кој се товари за кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување.

„Едно од осомничените лица се гони за сторени кривични дела злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овлстување, кои ги сторил вршејќи висока функција во Основниот суд Куманово. Другите единаесетмина се гонат за кривични дела злосторничко здружување, лихварство, изнуда и илегален транспорт на мигранти“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Надлежниот обвинител од судија на претходна постапка на Основниот суд Скопје 1 побарал на сите 12 осомничени да им биде одредена мерка притвор.