Фото: Исечок од видео од Кабинетот на претседателот на Република Бугарија. 10 јануари 2022

Бугарскиот државен врв е во самоизолација по вчерашната седница на Советот за национална безбедност, на која дефинираа продолжување на ставот за Македонија.
Владата на Бугарија ќе продолжи да ја исполнува рамковната позиција за Северна Македонија дефинирана во 2019 година, којашто е полна со „црвени линии“, но нема да го обврзува напредокот на официјално Скопје кон целта за зачленување во ЕУ со рокови, јави бугарскиот медиум „Медиапул“.

Тоа е дефинирано на вчерашната седница на Консултативниот совет за национална безбедност, по кој целиот државен врв на Бугарија е во самоизолација поради ковид-19.

По вчерашната седница и бугарскиот премиер Кирил Петков и раководителот на неговиот кабинет, Лена Бориславова, се во самоизолација. И шефот на државата, претседателот на Бугарија, Румен Радев е во самоизолација.

Причината за тоа е што сите биле во близок контакт со третиот клучен човек на бугарскиот државен врв, претседателот на Народното собрание (парламентот), Никола Минчев, кој има ковид-19.

Веста дојде првин од Минчев вчеравечер, известува „Медиапул“.

Денеска бугарскиот премиер Петков и шефицата на неговиот кабинет, Бориславова, добиле решение за самоизолација, а малку потоа уследи исто решение за бугарскиот претседател Румен Радев.

И Кабинетот на претседателот на Бугарија и премиерот на Бугарија потврдија дека добиле решение, пренесе „Медиапул“.

Карантинот би траел 10 дена за сите што биле на седницата на Консултативниот совет за национална безбедност (КСНБ).

На седницата беше кажано дека на Северна Македонија нема да ѝ се даваат нови рокови на нејзиниот евроатлантски пат, но остануваат условите дефинирани во 2019 година.

Сите парламентарни партии со свои претставници на седницата ги прифатиле условите.

Новата владина коалиција предводена од премиерот Кирил Петков од „Продолжуваме со промената“ на седницата што вчера траеше пет часа, дефинираше заедничка позиција на трите центри на власта – претседателот, владата и парламентот.

Бугарскиот претседател Румен Радев рекол дека четири години, Северна Македонија не го исполнува Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година. Советот за безбедност ги прифатил следниве правила:

„При спроведување а надворешната политика на државата, Владата треба да ги исполнува националните политики на Бугарија, почитувајќи ги барањњата што произлегуваат од Договорот од 2017 година, Рамковната позиција од 2019 и Декларацијата на 44-то Народно собрание.

Давањето согласност за почеток на преговорите на Северна Македонја за приклучување кон ЕУ да не се обврува с рокови, туку со постигнување реални резултатит, вклучувајќи го тука и прашањето за правата ан македонските Бугари “, порача Радев.

Во тој однос, Радев мисли на прашањето на вклучување во Уставот на Северна Македонија на сите што се сметаат за Бугари како национално малцинство.

Бугарскиот премиер Кирил Петков следната седмица треба да пристигне во Скопје, што би била првата официјална посета на Скопје во мандатот на новата влада на Северна Македонија, која се очекува да биде формирана пред крајот на оваа седмица, а раководена од лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.