Министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска имал средба со амбасадорот на Норвешка во земјава, Арне Санес Бјорнстад, во чиј фокус била норвешката поддршка за евроатлантската интеграција на Македонија, вклучително и проектната помош за подобрување на подготвеноста на Македонија за отпочнување на пристапните преговори со Европската Унија.
Амбасадорот Бјорнстад ја повторил поддршката за евроатланската интеграција на Македонија и неопходните реформи и информирал за одлуката на Норвешка за двојно зголемување на финансиската помош за Македонија во наредниот период.
Двете земји во август 2017 година во Осло потпишаа заедничка изјава за партнерство и соработка.
„Последна потврда за истата е започнувањето на проектот за техничка помош наменет за подобрување на капацитетите за процесирање и заштита на документи и унапредување целокупниот систем за комуникации на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, како корисник на проектот. Спроведувањето на овој проект со времетраење од 12 месеци е предвидено да заврши до крајот на 2018 година, додека проценетата вредност на средствата за неговото спроведување изнесува 1,5 милиони евра“, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Иако не е членка на ЕУ, Норвешка во континуитет го споделува своето големо искуство во преговарањето и одржувањето тесни врски со Унијата преку Европската економска област, Шенгенската зона и други форуми на соработка.